• среда, 25 декември 2024

СЗО: Мирот е лекот кој најмногу му е потребен на народот на Судан

СЗО: Мирот е лекот кој најмногу му е потребен на народот на Судан

Њујорк, 11 септември 2024 (МИА) - Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Адханом Гебрејесус, изјави дека мирот е најнеопходниот лек за народот на Судан, каде што граѓанската војна трае веќе повеќе од 16 месеци.

Тедрос  на социјалната платформа „Икс“ сподели информации за здравствената поддршка на СЗО во Судан.

Тој потсети дека неодамна ја посетил земјата и дека СЗО испорачала дополнителни медицински залихи за лекување на повеќе од 184.000 пациенти од колера, трауми и повреди.

„Ние продолжуваме да го поддржуваме суданското Министерство за здравство и неговите партнери во обезбедувањето основна здравствена заштита за најранливите лица. Мирот е лекот кој на суданскиот народ му е потребен повеќе од сè“, истакна Тедрос.

Воените конфликти во Судан започнаа во април 2023 година меѓу генерал Абдел Фатах ал-Бурхан и командантот на паравоените Сили за брза поддршка (РСФ), Мохамед Хамдан Дагало, поради несогласувања околу интеграцијата на РСФ во суданската војска.

Неколку обиди за прекин на огнот, посредувани од Саудиска Арабија и САД, не успеаја да го запрат насилството.

Според податоците на ОН, повеќе од 20.000 луѓе загинаа, околу 10 милиони се раселени, а повеќе од 25 милиони лица имаат потреба од хуманитарна помош како резултат на конфликтот во Судан.ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан