• вторник, 24 декември 2024

СЗО доби извештај за напад на центар за вакцинација на деца во северниот дел на Газа

СЗО доби извештај за напад на центар за вакцинација на деца во северниот дел на Газа

Женева, 3 ноември 2024 (МИА) - Светската здравствена организација (СЗО) доби извештај за напад на центар за вакцинација против детска парализа за деца во Појасот Газа, јави ДПА.

„Шест лица, меѓу кои и четири деца, се повредени“, напиша генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус на социјалната мрежа Х, без да наведе кој стои зад нападот. Тој потсети дека имало тактички прекин на огнот во областа за да се олесни кампањата за вакцинација.

Локалните медицински лица соопштија дека најмалку три деца се повредени и дека нападот го извршила израелската армија. 

Портпаролот на израелската армија напиша на X дека израелските одбранбени сили (ИДФ) биле запознаени со извештаите за ранети Палестинци во центарот за вакцинација. Според него, првичната истрага укажува дека израелската армија не вршела напади во областа во моментот на инцидентот.

„Овој напад, извршен за време на хуманитарна пауза, го загрозува интегритетот на заштитата на здравјето на децата и може да ги одврати родителите да ги носат своите деца на вакцинација“, предупреди генералниот директор на СЗО.

Тој посочи дека тим на СЗО бил на местото непосредно пред нападот.

Здравствен дом продолжува со работа, соопштија здравствените работници.

Според УНИЦЕФ, околу 119.000 деца во северниот дел на Газа треба да добијат втора доза од вакцината против детска парализа. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан