• среда, 27 ноември 2024

СЗО денеска откажа уште една хуманитарна мисија во Газа од безбедносни причини

СЗО денеска откажа уште една хуманитарна мисија во Газа од безбедносни причини

Газа, 10 јануари 2024 (МИА) - Светската здравствена организација (СЗО) денеска откажа уште една планирана мисија за медицинска помош во Газа поради безбедносни причини, пренесоа британските медиуми.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека агенцијата на ОН ја откажала својата шеста мисија на северот на Газа бидејќи барањата за влез во делот од енклавата не биле одобрени или не биле исполнети безбедносните гаранции од последната посета на 26 декември, пренесоа  британските медиуми.

-Интензивното бомбардирање, ограничувањата на движењето, недостигот на гориво и нарушените комуникации ги спречуваат СЗО и нашите партнери да дојдат до оние на кои помошта им е потребна, рече Тедрос на онлајн прес-конференција од Женева.

СЗО го повика Израел да ги одобри нивните барања и барањата на другите партнери за испорака на хуманитарна помош.

Израелската офанзива почна откако милитантната група Хамас го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври, при што беа раселени повеќето од околу 2,3 милиони жители на Газа.

Многумина ги напуштија своите домови, цивилната инфраструктура е во урнатина, а има сериозен недостиг од храна, вода и лекови. 

СЗО соопшти дека во Газа во моментов има само 15 функционални или делумно функционални болници. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан