• сабота, 23 ноември 2024

Се уште траат разговорите за проширување на владината коалиција, кое опозицијата го окарактеризира како естрада

Се уште траат разговорите за проширување на владината коалиција, кое опозицијата го окарактеризира како естрада

Скопје, 2 февруари 2023 (МИА) - Дали во Алтернатива ќе се разговара за останување или напуштање на владината коалиција ќе се знае откако ќе завршат преговорите меѓу СДСМ и Алијанса за Албанците кои имаат за цел проширување на владиното мнозинство со оваа партија. Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, завчера по седницата на Извршниот одбот на партијата изјави дека во најголем процент се усогласени со Алијанса за Албанците, но оти се уште не се разговарало за кадровски решенија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, најавите за влез на АА во владата ги спореди со естрада, нагласувајќи дека тоа нема да донесе ништо ново и добро за граѓаните.

-Откако ќе завршат преговорите помеѓу СДСМ и Алијанса за Албанците ќе разговараме за останување или напуштање на владината коалиција. Ние сме за компромис и околу распределбата на ресорите, рече вчера лидерот на Алтернатива Африм Гаши на паузата од состанокот со членството во Гостивар.

Тој напомена дека партиските органи ќе одлучат за останување или излегување од владата. Доколку Алијанса биде владин партнер и Алтернатива остане, според Гаши има начини и канали за комуникација и соработка, бидејќи како што нагласи, Алтернатива е кооперативна партија.

Во врска со шпекулациите дека има условувања за останување или напуштање на Владата на прашање на МИА да даде оценка или партиски став, лидерот на Алтернатива вели дека како партија се исправени пред тој предизвик, но, како што рече, за жал или за среќа ќе почекаат да видат како Алијанса за Албанците ќе ги води преговорите со СДСМ за влез во Влада.

-Доколку се постигне договор помеѓу нив, ние ќе погледнеме дали е чепнат и дали тоа го засега нашиот договор за влез во Владата, истакна Гаши.

За премиерот Ковачевски, пак, осовните претпоставки на владиното мнозинство се на линија на тоа што Алијанса за Албанци го застапува, а тоа е стратешкото партнерство со САД, продолжување на патот кон евроинтеграции, носење на сите реформски закони и на сите одлуки потребни за продолжување на патот кон ЕУ.

Премиерот напомена дека во најголем процент се усогласиле со Алијанса за Албанците, а во делот на сите други аспекти за можна соработка, разговорите ќе продолжат.

-На состанокот со Алијанса за Албанците разговаравме најпрвин за текот на скрининг процесот кој државата го има со ЕУ, за претседавањето со ОБСЕ, за стратешкиот дијалог кој го водиме со САД и акциониот план кој се подготвува од Влада и зборувавме за можното проширување на владиното мнозинство со Алијанса за Албанците. Не разговаравме за кадровски решенија, изјави завчера Ковачевски во врска со одржаната средба со лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари и можностите за приклучување на оваа партија во владејчката коалиција. Тој најави дека во текот на следните денови ќе има состаноци и со Алтернатива.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вчера, ја поистовети со естрада најавената можна нова владина коалиција со приклучување на Алијансата за Албанците и оценува дека таа нема капацитет за реформи. Тој сè уште е оптимист за предвремени парламентарни избори и верува дека поддржувачите на владиното мнозинство, кои се „незадоволни од состојбите“, нема да ги поддржат министрите што би ги предложил премиерот Димитар Ковачевски. Тоа, вели, ќе даде одговор дали ќе има предвремени избори или ќе се оди на редовни.

Преостанатите 10-11 месеци до редовните избори, според него, нема да подобрат ништо, а изборите се нужност за „народот да избере политичари што ќе овозможат напредок на државата“. 

Тој посочи дека предвремените парламентарни избори „се нужност, за да може народот да си избере политичари кои ќе ја водат Владата, ќе направат структурни реформи и ќе ја придвижат државата напред“ и кои, како што нагласи, „ќе градат, а не да крадат, како што се однесува денешната владина коалиција на ДУИ со СДСМ, а која гледаме дека ќе се проширува“. сст/мд/

 

Остани поврзан