• недела, 17 ноември 2024

Се уредува вливот на река Отиња во река Брегалница кај штипско Ново Село

Се уредува вливот на река Отиња во река Брегалница кај штипско Ново Село

Штип, 29 декември 2023 (МИА) - Градежните активности на инфраструктурни проекти за оваа година  завршуваат во штипската населба Ново Село со уредување на вливот на река Отиња во река Брегалница. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека ова е местото кое досега не било уредено, а од денеска  добива бетонирана површина, нова заштитна ограда, ќе се уреди и партерно и ќе се прошири постоечкиот паркинг.

Целта, вели градоначалникот Јорданов, е овој потег да добие нов лик.

-Преку Програмата за уредување на градежно земјиште го предвидовме и, еве, веќе се работи интензивно на бетонирање. Дополнително, ќе се постави урбана опрема, ќе се осветли овој дел, којшто беше едно ругло, неисчистено место. На овој начин очекуваме да се разубави овој дел којшто ги спојува река Отиња и Брегалница. Ќе се постави нова заштитна ограда на мостот. Дополнително, ќе се работи на партерно уредување и проширување на веќепостоечкиот паркинг до вливот на река Брегалница и на тој начин очекувам овој потег да добие помодерен и поубав лик, рече Јорданов.

Тој истакна дека ваквите проекти нема да запрат во следната година и ќе продолжат со засилено темпо. Целта на Програмата за уредување на градежно земјиште за следната година е што повеќе заборавени места да добијат нов и модерен лик.

-Во периодот којшто следи во 2024 година се предвидени доста вакви активности на заборавени места, места којшто ќе добијат за првпат нова содржина и на тој начин очекуваме да се модернизира секој дел во нашиот град, рече Јорданов.

Финансиските средства обезбедени за овој проект од Програмата, кој вклучува целосно уредување на овој дел од градот во штипско Ново Село се во висина од два милиони денари. вдј/цр

Фото: МИА

 

Остани поврзан