• четврток, 26 декември 2024

Се укинува забраната за тешки возила на автопатот Атина-Солун

Се укинува забраната за тешки возила на автопатот Атина-Солун

Атина, 21 септември 2023 (МИА) – Од шест часот утрово, се укинува забраната за тешки возила над 3,5 тони на автопатот Атина-Солун, а сообраќајот и во двата правци и понатаму ќе се одвива исклучиво по левата коловозна лента, исто како што важи и за автомобилите, јави дописничката на МИА од Атина. 

За укинувањето на забраната информираа и од Министерството за транспорт и инфраструктура на Грција и од компанијата која управува со автопатот.

Од Министерството соопштија дека одлуката е по соодветниот технички извештај по направените контроли и се однесува на возила со тежина до 44 тони, додека пак од компанијата потенцираа дека сообраќајот за тешки возила ќе се одвива само по левата коловозна лента во двата правци, до целосно повлекување на водата и повторна проверка на автопатот.

- За олеснување и безбедност на сите возачи, на возачите на тешки возила им се препорачува да одржуваат растојание од 100 метри од возилото пред нив, додека од сите возачи се бара да се придржуваат до ограничувањето на брзината од 80 километри и да ги следат упатствата на сообраќајната полиција, соопштија од компанијата која управува со автопатот. 

Автопатот Атина - Солун, во делот околу Лариса, беше зафатен од поплавите и целосно затворен за сообраќај речиси една седмица поради изливањето на реката Пиниос, а во петокот беше укината забраната, но само за автомобили и возила до 3,5 тони. ср/паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан