• четврток, 26 декември 2024

СЕ: Северна Македонија да работи на промовирање интегрирано општество засновано на почит и доверба меѓу заедниците

СЕ: Северна Македонија да работи на промовирање интегрирано општество засновано на почит и доверба меѓу заедниците

Стразбур, 8 февруари 2023 (МИА) - Комитетот на министрите на Советот на Европа, усвои резолуција за спроведувањето на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства од Северна Македонија, во која, меѓу другото, се бара промовирање на интегрирано општество кое се заснова на почит и доверба меѓу различните заедници, пред се, во насока да се зголемат напорите за спречување случаи на кршење на човековите права врз Ромите, но никаде не се споменува бугарското малцинство во државава.

Комитетот на министрите на Советот на Европа во усвоената резолуција ги повикува македонските власти да ги земат предвид забелешките и препораките содржани во Петтото мислење на Советодавниот комитет за Северна Македонија, усвоено на 18 мај 2022 година. 

Во препораките до властите во земјава за подобрување на имплементацијата на Рамковната конвенција се наведува дека треба да се преземат понатамошни чекори кон промовирање на интегрирано општество кое се заснова на почит и доверба меѓу различните заедници.

За да се обезбеди одржливост на Стратегијата „Едно општество за сите“, властите треба да обезбедат политичка поддршка на високо ниво, солидно финансирање и достапност до практичарите во образованието, медиумите и граѓанското општество, како и на пошироката јавност. Понатаму, се наведува, од властите се бара да спроведат интеркултурен пристап кон образованието преку доделување соодветни ресурси, продолжување со прегледување на наставните материјали и обука на наставниците и другиот образовен кадар за културатата, историјата и сегашната ситуација на различните малцинства. Треба да се обезбедат поредовни контакти меѓу учениците со различно етничко потекло, вклучително и преку обезбедување мешани средини во училиштата и училниците.

Понатаму, се сугерира да се зголемат напорите за спречување случаи на кршење на човековите права врз Ромите од страна на полицијата. Властите треба да се погрижат механизмите за надзор во Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и во Канцеларијата на Народниот правобранител да бидат ефективни и дека наводните случаи на полициско недолично однесување се истражени и соодветно санкционирани.

Да се подобри пристапот на децата Роми до квалитетно образование преку зајакнување на добрите практики како што се образовните медијатори, стипендиите и образовните додатоци и нивно објавување на родителите Роми. Властите, исто така, треба да го зголемат уписот во предучилишните установи и решително да се осврнат на, како што се наведува, де факто сегрегираното образование. Понатаму, властите се повикани да обезбедат Ромите во пракса да имаат пристап до законски гарантираните бесплатни здравствени услуги, вклучително и до дијагноза, третман и вакцинација поврзани со Ковид-19. Посебно внимание, се посочува, треба да се посвети на пристапот до услуги и информации за репродуктивното здравје за жените Ромки. Властите треба да инвестираат повеќе во регрутирање и обука на ромски здравствени медијатори и лекари, особено кај жените.

Меѓу дополнителните препораки се и да се обезбедат потребните ресурси за Комисијата за заштита и спречување од дискриминација и Народниот правобранител за да можат самостојно и ефективно да ги исполнуваат своите мандати. Понатаму, да се обезбеди наменски и одржливо финансирање на ниво што ги задоволува културните потреби на лицата кои припаѓаат на националните малцинства и да продолжат да ги поддржуваат напорите за зајакнување на инклузивниот пристап кон културната политика.

Се препорачува и да се осигура дека инцидентите на криминал од омраза и говорот на омраза се навремено идентификувани, евидентирани и ефективно истражени и дека одговорните ќе бидат изведени пред лицето на правдата. На постојните иницијативи, пак, против говорот на омраза на интернет, како што се Советот за етика во медиумите и Регистарот на професионални и етички онлајн медиуми, се додава,треба да им се даде сета потребна поддршка.

До властите се препорачува и да се доделуваат доволно ресурси за редакциите на јазикот на малцинствата во јавниот радиодифузен сервис. Властите, исто така, треба да обезбедат јавната радиодифузија доследно да промовира меѓукултурно почитување и разбирање, а со тоа да придонесе за интеграција на општеството. Тие треба да размислат за обезбедување поддршка на печатените или онлајн медиуми за бројно помалите малцинства.

Се сугерира подобрување на имплементацијата на Законот за употреба на јазиците преку значително зголемување на инвестициите во обука и регрутирање на преведувачи и толкувачи и континуирано оценување на неговото влијание. Одредбите на законот за јазичните права на бројно помалите национални малолетници треба да се разјаснат. Понатаму, подобрување на условите за настава на јазиците на малцинствата. Да се намали минималниот број на ученици за отворање час по јазик на малцинствата, а подигнувањето на свеста и анкетите за барањата да се спроведуваат редовно пред секоја учебна година. Властите, се посочува, треба да ги разгледаат можностите за поттикнување на познавање на јазиците на малцинствата, особено албанскиот, кај децата од мнозинството.

-Зголемување на социо-економското учество на лицата кои припаѓаат на националните малцинства кои живеат во руралните области преку инвестирање во инфраструктура и можности за вработување и насочена поддршка за малцинските млади. Треба да се обезбеди ефективно учество на засегнатите заедници., како и да се зголеми, во тесна соработка со претставниците на Ромите, учеството на Ромите на пазарот на труд преку програми кои се специјално прилагодени на соодветните целни групи, вклучително и жените Ромки, и да се осигура дека пандемијата „Ковид-19“ нема несразмерно да влијае на социо- економско учество на Ромите.

Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства Северна Македонија ја има ратификувано на 10 април 1997 година. вг/лв/

Остани поврзан