• недела, 24 ноември 2024

Се работи на измени и дополнувањa на Законот за домување, се очекува до мај да влезе во владина процедура

Се работи на измени и дополнувањa на Законот за домување, се очекува до мај да влезе во владина процедура

Скопје, 2 март 2023 (МИА) – Министерството за транспорт и врски во соработка со Регулаторната комисија за домување работи на измена и дополнување на Законот за домување. Очекувањата се до мај годинава Законот да влезе во владина процедура, а потоа да биде усвоен од страна на Собранието.

-Кога се соочивме со проблематиката дека одредени работи во Законот за домување не биле регулирани ние пристапивме кон нови измени на Законот кој веќе се подготвува и најверојатно се надевам во мај ќе биде во владина процедура и потоа ќе биде усвоен од страна на Собранието, рече заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи во изјава за медиумите пред тркалезната маса посветена на Законот за домување.

Предложените изменувања и дополнувања на Законот за домување, како што појасни престедателот на Регулаторната комисија за домување Зоран Маџовски, се во насока на негово допрецизирање и доуредување и се предлагаат нови одредби со кои би се регулирале прашања кои со постојниот Закон не се целосно регулирани.

Потребата од носење на измени, како што рече, се наметнала поради констатирани одредени слабости, непрецизности и недоречености.

-Комисијата во соработка со групацијата на лиценцирани управители при стопанската комора, невладиниот сектор и Министерството за транспорт и врски покрена иницијатива, а министерот формира работна група составена од повеќе чинители која активно работеше во текот на 2022 година и изготви нацрт на текст за изменување и дополнување на законот, рече Маџовски.

Очекувањата се во текот на првата половина од оваа година Законот да влезе во владина процедура.

Осврнувајќи се на досегашното имплементирање на Законот за домување, Маџовски истакна дека се забележани и голем број позитивни резултати, нагласувајќи дека се подигнало нивото на свеста на населението за колективно домување, како и се зголемил квалитетот на заедничкото живеење.

-Од 2011 година до декември 2022 година бројот на станбени згради кои се управувани од лиценцираните управители изнесува 4 829 или вкупно 114 014 станови и деловни простории, додека пак управувани од заедници на сопственици има вкупно 2 655 станови, информира Маџовски.

Инаку тој потенцира дека главна карика во спроведувањето на Законот за домување имаат општините.

- Градоначалниците имаат обврска да назначат општински инспектори за домување, но поголем број на општините се уште немат назначено, а во Скопје има само шест инспектори и тоа во Центар, Карпош, Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода и Чаир, изјави Маџовски.

-Со назначување инспектори за домување во сите урбани општини, а посебно во општините во Градот Скопје значително ќе се подобри квалитетот на домувањето во колективните станбени згради, рече Маџовски.

Од 2011 година до денес Регулаторната комисија за домување издала вкупно 123 лиценци на фирми за управување со заедничките делови на зградите. Во меѓувреме на голем број лиценцирани фирми им престанала важноста на лиценцата поради повеќе фактори меѓу кои и одземање лиценца поради непочитување на законот за домување.

Со мандатот на сегашниот состав на Регулаторната комисија за домување од јули 2021 година до денес се зголемиле лиценциранитефирми за одржување заеднички делови на зградите од 53 на 70. Во овој период Комисијата издала вкупно 33 лиценци, а поради разни причини одземени се 16 лиценци. мс/лв/

 

 

 

Остани поврзан