• петок, 27 декември 2024

Се проширува и уредува планинскиот патен правец од Зрновци до локалитетот Девичин Вир на планината Плачковица

Се проширува и уредува планинскиот патен правец од Зрновци до локалитетот Девичин Вир на планината Плачковица

Кочани, 3 февруари 2023 (МИА) – Во рамки на годишната програма за изградба и одржување на сообраќајната инфраструктура, Општина Зрновци ги почна активностите за уредување и проширување на локалниот патен правец од општинскиот центар до локалитетот Девичен Вир на падините на планината Плачковица.

Градежна механизација на оваа делница е ангажирана по повеќе од три децении, а ќе работи на пробивање и прочистување на најкритичните места на коловозот, по што ќе следи порамнување и поставување камен тампон. Според техничкиот проект, со првата фаза опфатена е должина од четири километри, а ширината на патот ќе се зголеми од постојните три на пет метри.

-Целта е да обезбедиме безбедно движење и разминување на возилата, со оглед што локалитетот Девичин Вир прераснува во викенд населба и веќе има изградено неколку нови објекти за престој и рекреација. Со тоа ќе им го олесниме пристапот до планината и на сите љубители на природата, планинарите, истражувачите и посетителите, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.

Согласно програмата за изградба и уредување на сообраќајната инфраструктура, ќе се работи и на сообраќајниците во населените места, за што кон крајот на минатата година Општина Зрновци склучи договор со компанијата „Коле транс“ од Штип во вредност од 2,5 милиони денари. Со договорот е предвидена изградба и реконструкција на еден крак од улицата „Трифун Вангелов“ во селото Мородвис и три крака од улицата „Арсо Ангелов“ во селото Видовиште. та/дма/

Остани поврзан