• среда, 25 декември 2024

Се прекинува стручната расправа за донесување на Генерален урбанистички план на Струмица

Се прекинува стручната расправа за донесување на Генерален урбанистички план на Струмица

Струмица, 28 ноември 2023 (МИА) - Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, денеска објави известување за прекинување на стручната расправа за донесување на Генерален урбанистички план за град Струмица.

Како што стои во известувањето, прекинувањето е по предлог на Комисијата за урбанизам, формирана од градоначалникот, како и предлогот од Комисијата за стручна расправа, постапката за стручна расправа со јавна презентација и јавна расправа на Генерален урбанистички план за град Струмица, Општина Струмица, со плански период 2023-2033 година, распишана со одлука за организирање на стручна расправа од 7 септември оваа година.

На почетокот на овој месец се одржа јавна расправа по новиот Генерален урбанистички план за периодот 2023-2033 година. По 21 година беше подготвен овој значаен урбанистички документ, а на расправата тогаш беа поднесени над 200 анкетни листови од граѓаните.

За советничката група на ВМРО ДПМНЕ Генералниот урбанистички план не беше прифатлив и бараа да се повлече и преработи. Според неа, предложениот ГУП не ги почитува законските регулативи за негово носење преку ненавремено формирање на партиципативно тело кое е битно за инклузија на заедницата во креирање на ГУП.Затоа, тие бараат да се повлече предложениот ГУП со сите забелешки и да се преработи за да може да ги заштити подеднакво интересите на целата заедница во Струмица.

Од локалната самоуправа во денешното известување информираа дека за понатамошниот тек на постапката за донесување на Генерален урбанистички план за град Струмица, Општина Струмица, граѓаните ќе бидат уредно и навремено известени преку организирање на нов јавен повик согласно законската регулатива. рт/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан