• недела, 24 ноември 2024

Се прави редизајн на дел од мерките за заштита на граѓаните и бизнис-секторот

Се прави редизајн на дел од мерките за заштита на граѓаните и бизнис-секторот
Скопје, 6 јуни 2022 (МИА) - Во овој момент на дел од мерките се прави редизајн, а кога ќе бидат направени сите анализи ќе биде воведен и нов пакет-мерки, најави премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање по посетата на фабриката „Таб Мак“ во Пробиштип. Говорејќи за пакет-мерките за заштита на граѓаните и бизнис-секторот, Ковачевски најави дека со ребалансот кој е предложен од Собранието, веќе се предвидени нови 80 милиони евра за антикризни мерки кои по направените анализи и ревидирањето на постојните мерки ќе бидат предложени и ставени во функција. Премиерот нагласи дека не се сите мерки укинати, поддршката за граѓаните со најниски примања се останати во сила, а во делот на електричната енергија остануваат мерките до крајот на годината. - Ние први, како Влада, реагиравме со мерки и тоа беше потврдено со сите извештаи на почетокот на енергетската криза. Направивме намалување на Данокот на додадена вредност на електрична енергија и извршивме субвенционирање на 80 проценти од сметките кои граѓаните ги плаќаат. Овие мерки продолжуваат до крајот на оваа година, рече Ковачевски. Тој најави усогласување на пензиите во септември, а во најголемиот дел од јавниот сектор, како што кажа, платите се зголемуваат. Цената на нафтата, посочи Ковачевски урива рекорди, и не се знае до каде ќе оди. Во однос на стоковите резерви, премиерот истакна оти тие се на ниво, кое е пропишано со закон. - Со нафтените деривати имаме непречено снабдување постојано, од почетокот на кризата. Во однос на храната се управува дневно и неделно во однос на резервите кои ги имаме и обезбедуваат непречено снабдување на пазарот во услови кога има недостатоци. Ние во моментов немаме недостатоци на храна во државата, бидејќи преку директни контакти со соседите оебзбедивме непречен проток на прехранбени производи, рече Ковачевски. мс/вдј/

Остани поврзан