• петок, 27 декември 2024

Се прават последните проби на Драмското студио Тетово за новата премиера – комедијата „Вај-Фај“

Се прават последните проби на Драмското студио Тетово за новата премиера – комедијата „Вај-Фај“

Тетово, 3 мај 2023 (МИА) – Актерите од Драмското студио Тетово неделава ги прават последните проби за втората премиера за 2023 година – комедијата „Вај-Фај“, која ќе се изведе во вторник, 9 мај во Центарот за култура „Иљо Антески - Смок“.

Режисерот на претставата Мирко Видоески најавува дека комедијата ќе биде изведена на тетовски говор. Текстот е на српскиот драмски автор Мирољуб Недовиќ, а преводот на драмскиот текст, адаптација и режијата се на Видоески.

- Претставата е запознавање на сватови, два пара сопружници, чии деца се во Америка, каде што се венчале. Тука има социјална приказна, тие се сами без деца, кои се во странство, па претставата е комедија на ликови, карактери, ситуации и дијалози, вели режисерот.

Ликовите на Петре и Натка, возач и домаќинка ги толкуваат Наташа Петровска и Лазар Саровски, додека на Санко и Јана кои се инженер и професорка ги изведуваат Драгана Радованов и Глигорије Стојановски. Соседот го глуми Игор Бачовски.

- Притиснати со својата борба за егзистенција, истовремено се грижиме за сопствените деца, кои својот дом го засноваат некаде далеку, во туѓиот свет во којшто заминуваат по некој подобар живот, а на постарите (родителите) им останува со нив да комуницираат преку интернет (Wi-Fi). Иако на прв поглед делува како урнебесна комедија, во текот на претставата провејуваат повеќе жанрови како драма и мелодрама со сатирични сегменти, вели режисерот.

Претставата во вторник ќе почне од 20 часот. Ова е втора премиера на Драмското студио Тетово откако на 11 март кога беше изведена монодрамата „Иконија, пардон матмазел Ика“. ас/мд/

фото: МИА 

 

Остани поврзан