• четврток, 26 декември 2024

Се поставува оградата на реката Отиња

Се поставува оградата на реката Отиња
Штип, 16 август 2022 (МИА) - Поставена е заштитната ограда на реката Отиња. Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов истакна дека проектот беше предложен од координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски. Проектот е одобрен од централната власт. Минатата година при ребалансот на буџетот беа побарани средства за целосно довршување на проектот, односно ставање на заштитна ограда до крајот на кејот од река Отиња. Средствата биле побарани за левата страна на река Отиња низводно од ЈП „Исар“ до вливот на река Отиња во Ново Село. -Се работи за должина од 1350 метри од заштитна ограда. Вкупната вредност на проектот ќе биде некаде околу 5,6 милиони денари и ова е, како што реков, добар проект којшто централната власт го препозна, а на мое барање како пратеник се обезбедени средствата од буџетот за завршување на таа заштитна ограда и сигурно движење на пешаците околу коритото на реката Отиња кое што е фреквентно, истакна Никола Мицевски. Јорданов  упати благодарност до пратеничката група којашто го предложила и централната власт што го одобрила овој проект којшто е од големо значење за градот и жителите на Општина Штип. -Ја користам оваа прилика да ја искажам мојата благодарност за реализација на овој проект којшто од повеќе аспекти е значаен за развојот на нашиот град. Најпрво ќе значи поголема безбедност на сите пешаци коишто ќе го користат овој потег околу река Отиња, но исто така ќе значи и за модернизирање и промена на изгледот во централното градско подрачје низводно на река Отиња, модернизирање и урбанизирање на нашиот град, затоа што сите активности коишто ги реализираме заклучно со ова коешто е во таа насока да се промени изгледот во нашиот град и нормално да се урбанизира, да се модернизира она коешто денес го бараат граѓаните, вели Јорданов. Според Јорданов, се очекува до крајот на овој месец да се завршат овие активности, а до крајот на годината сите други амандмани коишто се поднесени од пратеничката група да бидат одобрени и реализирани во интерес на граѓаните. Дополнително Мицевски истакна дека се побарани и одобрени четири милиони денари за конзоли на река Отиња од хотел „Оаза“ до црквата „Свети Никола“. Исто така, додаде дека минатата година се побарани и уште четири милиони денари за реконструкција на бања Кежовица. вдј/мд/

Остани поврзан