• среда, 23 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Некои светски компании ги прекинуваат испораките на производи во САД

Некои светски компании ги прекинуваат испораките на производи во САД

Вашингтон, 8 април 2025 (МИА) - Некои светски компании одлучија привремено да ја прекинат испораката на производи во САД поради најновите царини воведени од американскиот претседател Доналд Трамп.

Трамп минатата недела воведе основна царина од 10 отсто за целиот увоз, а некои земји се соочуваат со царини до 50 отсто. Многу производители се надеваат на договори за пониски стапки и одлучија да го прекинат извозот додека не видат во која насока се движат трговските разговори.

„Јагуар Ленд Ровер“ соопшти дека ја прекинува испораката на возила во САД, бидејќи се обидува да го прилагоди работењето на новите царински услови. Воведена е царина од 25 отсто за сите странски автомобили.

Станува збор за една од најголемите британски автомобилски компании, која само во третиот квартал на 2024 година извезла околу 38 илјади возила во САД - речиси исто колку и на пазарите на Велика Британија и ЕУ заедно.

„САД се клучен пазар за луксузните брендови на ЈЛР. Додека ги разработуваме плановите со деловните партнери, привремено ги запираме испораките во април“, соопшти компанијата.

Компанијата „Нинтендо“ ги запре испораките на „Свич 2“ за американскиот пазар, иако конзолата е веќе достапна за нарачка однапред. Конзолата е произведена во Јапонија, која сега се соочува со царина од 24 проценти.

Во соопштението за печатот, од „Нинтендо“ изјавија дека испораките се одложуваат, бидејќи компанијата „го проценува можното влијание на царинските давачки и промените во условите на пазарот“. „Свич 2“ треба официјално да биде лансиран во јуни. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан