• петок, 27 декември 2024

Се повеќе луѓе се приклучуваат и донираат во акцијата „Месец на хуманост - Гази Баба се грижи“

Се повеќе луѓе се приклучуваат и донираат во акцијата „Месец на хуманост - Гази Баба се грижи“
Скопје, 25 октомври 2020 (МИА) - Акцијата „Месец на хуманост - Гази Баба се грижи” одлично напредува веќе 20 дена. Со заеднички сили – граѓаните, градоначалникот Борис Георгиевски и вработените во Општината, културно-уметнички работници, функционери, бизнисмени, политичари преку своите донации не забораваат на лицата од ранливите категории, соопшти Општина Гази Баба. - Благодарение на посветеноста на хуманите луѓе, но и големиот медиумски одек за оваа акција, придонесе за масовно вклучување на уште поголем број солидарни граѓани, а со тоа се овозможи да се соберат и многу повеќе средства во овој период, велат од Општината. Оттаму посочуваат дека во вторите 10 дена од акцијата се собрани 665 килограми храна, 40 килограми облека, 175 килограми хигиенски средства, 104 пакети пелени, детски играчки, постелнини, како и училишен прибор. Во овој период акцијата ја поддржаа и министрите Љупчо Николовски, Радмила Шекеринска и Јагода Шахпаска, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, учениците и наставниците од ООУ „Наум Охридски” од Булачани, Petrus Theunisz од Civica Mobitilas, пејачите Васил Гарванлиев, Даниел Дан и Александра Јанева, како и актерката Изабела Пан и спортистот Мартин Јованов. Акцијата „Месец на хуманост - Гази Баба се грижи” ќе трае до 2 ноември, а сите заинтересирани граѓани можат да се приклучат на четирите пунктови пред маркетите: Дим во Железара, Кит-Го во Автокоманда, КАМ во Маџари и Тинекс Годел, каде од 10 до 17 часот можат да донираат храна, средства за хигиена, облека, покуќнина за своите сограѓани на кои им е најпотребно. - Партнери во спроведувањето на акцијата се Ајде Македонија, Вистински дела на љубезност, Црвен крст - Гази Баба, Копче, Ретвитни oброк, Лице в лице, Пакомак, Суниленс, Нула отпад и Шепасти ентузијасти. Организациите - партнери во оваа акција, постојано се на терен и се грижат секоја донација да стигне онаму каде што е најпотребна, се наведува во соопштението. мс/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан