Се одржа 25. „Кумановска пивтијада“
- Традиционалната манифестација „Кумановска пивтијада 2026“, која се одржува по повод големиот христијански празник Водици, денеска одбележа 25 години постоење.
Куманово, 19 јануари 2026 (МИА) - Традиционалната манифестација „Кумановска пивтијада 2026“, која се одржува по повод големиот христијански празник Водици, денеска одбележа 25 години постоење.
Настанот се одржа во организација на Здружението на дијабетичари „Куманово“ и Здружението на граѓани „Еко-гард“, под покровителство на Општина Куманово. Манифестацијата, која со години прераснува во еден од најпрепознатливите гастрономски и културни настани во регионот и годинава привлече голем број посетители од Куманово.
На настанот по повод верскиот празник Богојавление - Водици Митрополитот кумановско–осговски г. Григориј го освети кумскиот колач.

Стариот кум на годинашната пивтијада директорот на Царинската управа Бобан Николовски ја истакна важноста на ваквите настани за зачувување на традицијата и заедништвото.
-Ова е прекрасна манифестација која обединува луѓе од цела Македонија. Благодарност до организаторите. Овие 25 години се доказ за истрајност и љубов кон традицијата, рече Николовски.
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски упати честитки до организаторите по повод јубилејот.
-Ова е месец на дружење, ширење пријателства и позитивна енергија. Четврт век континуитет зборува за сериозноста на настанот и љубовта кон традицијата, рече Димитриевски.

Угостителот Влајко Стојчевски, еден од главните носители на настанот, нагласи дека „Кумановската пивтијада“ од скромна идеја прераснала во манифестација на највисоко ниво во Македонија.
-Веќе 25 години ја организираме Пивтијадата и навистина не верувавме дека ќе стигнеме до оваа бројка. Секоја година имавме по еден кум, досега 25, што покажува континуитет и сериозност, изјави Стојчевски.
Тој додаде дека подготовката на пивтија во толкави количини е сериозен предизвик за угостителите, но дека со години успеваат да го задржат квалитетот и традиционалниот вкус. ам/мд/
Фото: МИА и Општина Куманово