Се одржа првиот состанок на работната група за итни законски измени за посилна заштита на жените жртви на насилство
- - Работната група ќе работи на измени и дополнувања на повеќе закони, меѓу кои: Законот за полициските овластувања; Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство; Законот за социјалната заштита; Законот за правда на децата; Законот за бесплатната правна помош; Законот за кривичната постапка; Законот за парничната постапка и Законот за исплата на паричен надоместок на жртвите од кривични дела со насилство, стои во соопштението на Министерството.
Скопје, 13 март 2026 (МИА) - Со цел зајакнување на системската заштита на жените жртви на насилство и подобрување на законската рамка, денеска се одржа првиот состанок на работната група за следење, анализирање и давање препораки за подобрување на националната легислатива за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, како и за подготовка на итни предлог-измени на законодавството.
Како што соопшти Министерство за социјална политика, демографија и млади, на работната средба присуствувале заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
- Работната група ќе работи на измени и дополнувања на повеќе закони, меѓу кои: Законот за полициските овластувања; Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство; Законот за социјалната заштита; Законот за правда на децата; Законот за бесплатната правна помош; Законот за кривичната постапка; Законот за парничната постапка и Законот за исплата на паричен надоместок на жртвите од кривични дела со насилство - стои во соопштението на Министерството.
Членовите на работната група се номинирани претставници од релевантни институции и граѓански организации, меѓу кои: Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Министерството за правда, невладиниот сектор, надлежните судови, Јавното обвинителство, претставници од академската заедница и од Собранието. Во работата на групата се вклучени и надворешни соработници од меѓународниот сектор.
На состанокот било заклучено секоја институција до следната средба да достави конкретни предлози за законски измени, како и измени на подзаконски акти, правилници и протоколи во согласност со утврдените потреби.
Како што наведуваат од Министерството, целта е да се обезбеди поефикасна практична примена на законските решенија и дополнително да се зајакнат механизмите за спречување на насилството и заштита на жртвите од родово базирано и семејно насилство.
Состанокот се одржа во Министерството за социјална политика, демографија и млади во согласност со заклучокот донесен на итната седница на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство. нд/паг/
Фото: Министерство за социјална политика, демографија и млади