• недела, 28 јули 2024

Се одржа осмиот меморијален стритбол-турнир „Александар Наковски-Феликс“

Се одржа осмиот меморијален стритбол-турнир „Александар Наковски-Феликс“
Крива Паланка, 22 август 2022 (МИА) - Во спортската сала „Бранители 2001“ во Крива Паланка се одржа 13-от стритбол-турнир во организација на Локален клуб на млади на СДММ, осми меморијален - посветен на прерано починатиот Александар Наковски-Феликс.
Турнирот првпат се одржа во сала поради неповолните временски услови. Турнирот е традиција која ги собира на едно место љубителите на кошарката на теренот, каде прерано згасна животот на Феликс.
- Во чест и во име на поранешниот претседател на ОО СДСМ Крива Паланка, кој прерано не напушти сите нас, ЛК СДММ Крива Паланка организираше Традиционален стритбол турнир кој е гест на почит кон Александар, кој воедно и беше голем љубител на кошарката.Турнирот осма година по ред го носи неговото име. Се одиграа повеќе натпревари во машка и женска конкуренција. Голема благодарност до екипите, како и до сите кои дадоа свој придонес во реализацијата на турнирот. Честитки и до најдобро пласираните екипи, рече Алексеј Николовски, претседател на ЛК на СДММ Крива Паланка.
Во машка конкуренција екипата „Партизан“ е на прво место, „Тим Ред“ на второ и „Тим 1“ на трето место.
Во женска конкуренција „Црнобели“ се на прво место, „Бели“ се на второ и „Црни“ на трето место.
Покрај медали и пехари за најдобрите, најуспешните екипи добија и парични награди.
- Преку спорт, дружење и музика достојно го одбележавме ликот и делото на нашиот другар Феликс, рече Никола Јакимовски, генерален секретар на СДММ. ид/мд/

Остани поврзан