• недела, 24 ноември 2024

Се конзервира и реставрира архитектурата на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново

Се конзервира и реставрира архитектурата на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново
Ресен, 23 февруари 2021 (МИА) - Со затоплување на времето и доаѓање на повисоки температури ќе продолжат активностите за конзервација и реставрација на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Преспанското село Курбиново, која датира од 12 век. Храмот е карактеристичен по светски познатото сликарство направено на многу високо и естетско ниво. Таму се наоѓа еден од најубавите сликани ансамбли од крајот на 12 век во цела Европа. Има насликано неколку ангели, а еден од нив е насликан на 50 денарката. Фреската е еден од најпознатите мотиви, по убавината и начинот на сликање, како и староста од кога е направена, скоро илјада години. Директорката на Завод и Музеј Битола, Мери Стојанова информира дека превентивната конзервација на ѕидното сликарство на ова значајно културно наследство, завршило минатата година и оти е почната конзервација и реставрацијата на архитектурата, но поради ниските температури активностите се прекинати. - Активностите, кои се превземаат се во согласност со изготвениот и одобрен проект, кој вклучува комплетна конзервација и реставрација на објектот. Зафатите што се превземени до сега, вклучија: обивање на површините со старите и дотраени малтерни фуги, претходно означени во соработка со стручната комисија за надзор, означување на конструктивните пукнатини со помош на челични маркери, на поголемиот дел од ѕидните површини е завршена подготовката за инјектирање на ѕидните маси и исполнување на конструктивните пукнатини и слично, изјави Стојанова за МИА. Проектот, додаде ќе се рализира во повеќе фази, во зависност од финансиите. - Со оглед на тоа дека проектот за конзервација на ѕидното сликарство треба да се изработува оваа година, не може да се прецизира вкупната сума на средства неопходни за комплетна конзервација на архитектурата и на ѕидното сликарство, додаде директорката. Поради оштетување на кровот на црквата имало голема концентрација на влага, што влијаеше негативно врз фрескоживописот, но проблемот беше надминат со поставување заштитен кров. - Од периодот откако е поставен заштитниот кров воопшто немало прокиснувања во црквата, додека во претходниот период тие биле од мал размер. Влагата, пак, која била присутна и на ѕидовите, исто така е стабилизирана, така што сите оштетувања, кои се настанати се резултат на дотраеноста на материјалите, како на малтерните површини, така и на дрвените појасни греди, нарушување на конструкцијата и статиката на објектот, истакна Стојанова. Во таа насока, според неа, се превземаат сите предвидени мерки како во делот на конзервација и реставрација на објектот, така и во наредниот период, во делот на конзервацијата на ѕидното сликарство. сс/сст/

Остани поврзан