• среда, 25 декември 2024

Се искачија преку ноќ и дочекаа изгрејсонце на врвот Љуботен 59 планинари

Се искачија преку ноќ и дочекаа изгрејсонце на врвот Љуботен 59 планинари

Тетово, 18 септември 2023 (МИА) - Планинарскиот клуб „Јелак“ од Тетово викендов го реализираше ноќното искачување до врвот Љуботен и пречекување на изгрејсонцето. Целата акција насловена „Зора на Љуботен“ почнува со собир на планинарите во сабота навечер во Старо село, од каде прво се оди до базната станица планинарскиот дом Љуботен, по што следи ноќното искачување во раните утрински часови во недела.

- Учествуваа 59 учесници од цела Македонија, при што 57 учесници се собраа на почетната точка во Старо Село и организирано тргнаа и заеднички стигнаа до планинарскиот дом Љуботен. Од групата, четворица останаа во самиот планинарски дом, додека уште двајца учесници беа дојдени порано во самиот дом и не чекаа таму. Околу 02:30 часот тргнавме кон самиот врв, каде што стигнавме околу 05:30 и потоа го чекавме изгрејсонцето и новиот ден, информираше Владимир Трповски, организатор на турата.

Планинарите престојувале на врвот Љуботен на 2499 метри надморска височина до 7 часот наутро.

- Некаде нешто по седум часот тргнавме од самиот врв и во 8:30 бевме во планинарскиот дом Љуботен, каде се закрепивме со чорбичка, па во десет часот тргнавме кон Старо село каде заврши оваа акција, истакна Трповски.

Покрај домаќините во акцијата „Зора на Љуботен“ покрај членовите на П.К. „Јелак“, учествуваа и членови од планинарските клубови „Љуботен“ и „Тетекс“ од Тетово, како и планинари од Скопје, Куманово, Велес, Битола и Прилеп. ас/мд/

фото: ПК „Јелак“

Остани поврзан