• недела, 29 декември 2024

Се е подготвено за манастирската слава во Пречиста Кичевска

Се е подготвено за манастирската слава во Пречиста Кичевска

Дебар, 19 септември 2023 (МИА) - Во манастирот „Пресвета Богородица-Пречиста“- Кичево се е подготвено за одбележување на патронот Рождество на мајката божја или кај народот попозната како Мала Богородица, информираа од сестринството на манастирот.

По тој повод упатуваат покана до верниците заедно достоинствено да го одбележат празникот.

- Во пресрет на големиот празник на Царицата небесна, нејзиното свето Рождество, нашата Свештена Обител серадосно ве поканува и е подготвена со торжествено богослужение да ја пресретне и прослави Мајката на Животот, чијашто помош и молитви како свештен омофор го закрилува нашето древно светилиште низ вековите, нагласуваат од сестринството.

Одбележувањето на овој ден го сочинуваат повеќе содржини, а храмот по традиција и годинава ќе биде посетен од верници од речиси сите краишта во земјава.

-На наша голема радост, како и за радост на целата небесна и земска Црква, во навечерието на Празникот, на 20 септември, среда, на празничната Вечерна богослужба, која ќе започне во 18:30 часот, нашиот надлежен архипастир, Митрополитот г. Тимотеј, со своите архиерејски раце ќе го изврши монашкиот потстриг на една искушеничка од нашето сестринство, присоединувајќи ја кон рамноангелениот монашки ред, додаваат од сестринството.

Следниот ден, 21 септември, четврток, богослужението ќе започне во 07:30 часот, со Утрена богослужба, по која следи Божествена Архиерејска Литургија, со почеток во 9 часот. вт/лв/


Фото: Бигорски манастир

Остани поврзан