• вторник, 24 декември 2024

Се гради нов пат со кој Општина Боговиње ќе се поврзе на автопатот Тетово-Гостивар

Се гради нов пат со кој Општина Боговиње ќе се поврзе на автопатот Тетово-Гостивар

Тетово, 21 септември 2023 (МИА) – Во тек се градежни работи со кои селото Долно Палчиште при Општина Боговиње ќе се поврзе со автопатот Тетово-Гостивар. Патот се прави со пари обезбедени од Министерството за локална самоуправа. Министерот Ристо Пенов заедно со градоначалникот Бесник Емшиу по средбата во општината ги разгледаа градежните активности на самиот пат кои се во тек.

-Подобрувањето на патната инфраструктура ја олеснува комуникацијата и отвора поголеми можности за развој на општината, но и на целиот регион. Проектот за изградба на локален пат од Долно Палчиште го финансира Министерството за локална самоуправа преку Програмата за намалување на диспаритетите, со цел да им помогнеме и на помалите општини да реализираат инфраструктурни проекти коишто се важни за општината и за граѓаните. Вредноста на проектот е 14,4 милиони денари и во целост средствата ги обезбедува Министерството за локална самоуправа. Позитивно се оценети и во фаза на одобрување се и другите проекти, истакна министерот Ристо Пенов.

Со оваа делница сите села кои се покрај автопатот а во рамки на Општина Боговиње ќе се поврзат со таа сообраќајна магистрала. Ова бил селски пат кој бил пробиен, раширен и сега е тампониран.

- Патот е со должина од 1700 метри, ќе има стандардна ширина за еден ваков локален пат. Ќе се приклучи на сегашниот автопат Тетово-Гостивар, изјави градоначалникот Бесник Емшиу.

Министерот Пенов рече дека годинава има аплицирано проекти на сите повици.

- Во континуитет соработката со општината ќе ја прошириме и во наредниот период со нови проекти со кои и општината има аплицирано за селото Пирок, каде треба да се прави атмосферски одвод на водите и да се реконструира локален регионален пат. Секогаш треба да се има предвид дека финансиска поддршка може да се обезбеди само доколку се има добро изработен проект, со комплетна проектна документација и со проект којшто ќе биде корисен за граѓаните, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на денешната посета на општина Боговиње.

Министерството ќе финансира 13,5 милиони денари за атмосферската канализација, а 11,6 милиони денари за обновата на патот. ас/ац/

Фото МИА 

Остани поврзан