• недела, 24 ноември 2024

Се воведува бесплатен јавен превоз за жителите од населените места во Берово

Се воведува бесплатен јавен превоз за жителите од населените места во Берово

Берово, 5 март 2023 (МИА) - Жителите од населените места во Берово ќе добијат бесплатен јавен превоз до градот секој четврток во месецот. Одлуката која ќе важи од 1 април оваа година ја донесе Советот на Општина Берово, од каде што информираа дека целта е да им се олесни пристапот на жителите од населените места.

- Со оваа одлука се организира  бесплатен јавен превоз на територијата на општина Берово,  во четврток, кога е пазарен ден, почнувајќи од првиот четврток во месец април. Советот на Општина Берово оваа одлука ја донесе на последната 25-та Седница, на која беше дефиниран и распоредот за реализација на бесплатниот јавен превоз, се вели во одлуката на беровскиот Совет.

Според предвиденото превозот ќе се врши со автобус кој е во сопственост на општината.

- Бесплатниот автобуски превоз ќе биде на релација Двориште, Ратево, Русиново, Владимирово и Берово со тргнување во 07:30 часот и враќање во 13:00 часот. За селата Митрашинци, Будинарци, Мачево и Смојмирово тргнувањето е во 10:00 часот, а враќањето  во 15:00 часот. Средствата кои се потребни за реализација  на оваа услуга, ќе бидат целосно на товар на Општина Берово и истите се обезбедени во Буџетот на општина Берово, за 2023 година, додадоа од Советот на Општина Берово.

Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски изрази надеж дека со оваа мерка, ќе им се олесни пристапот на жителите од населените места до Берово, кои ќе можат навреме да ги планираат своите обврски.

- Со тоа ќе придонесеме кон подобрување на квалитетот на живот на жителите од населените места на територијата на Општина Берово, додаде Пекевски.

Право на користење на бесплатниот превоз, ќе имаат сите жители на општина Берово, кои за да го користат бесплатниот превоз  треба да се пријават на телефонскиот број на Општина Берово, 033/471-057, секој вторник во периодот од 08.30-13.30 часот. вс/сх/

 

Остани поврзан