• среда, 25 декември 2024

Се бара решение за есенската потрошувачка кошница

Се бара решение за есенската потрошувачка кошница

Скопје, 17 септември 2024 (МИА) - Се бара решение за есенската потрошувачка кошница со кое ќе им се помогне на граѓаните, но нема да бидат оштетени ниту производителите, ниту трговците. Од Министерството за економија велат дека министерот веќе имал средби и дека ќе бидат слушнати предлозите од сите страни.

Предлозите од Министерството за економија ќе бидат доставени до Владата и разгледани на некоја од наредните седници. 

Вчера и премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не сакаат на сила да донесат ништо и ако е потребно за да се усогласат ставовите, можеби ќе се причека и една недела.

- Не сакаме на сила ништо да правиме, стојам позади тоа што сум го кажал, но некогаш имате моменти кога гледате како поединци реагираат како монопол, дуопол и вие тогаш ќе мора да интервенирате офанзивно, ова како што ние го правиме. Онаму каде што навистина пазарната економија и пазарните практики ги диктираат цените, таму ние не интервенираме, но има услови кога ќе ги видите увозните цени и кога ќе видите како хируршки прецизно е поделен пазарот, тогаш не ви останува ништо друго освен да им помогнете на граѓаните, бидејќи не може некој непристојно да се богати на грбот на граѓаните. Во секој случај јас сум за тоа пазарната економија да ги диктира цените и тоа го поддржувам и немам дилема, но има за жал поединци кои ја злоупотребуваат оваа позиција и тука мораме ние како влада да интервенираме, рече Мицкоски.

Со есенската потрошувачка кошница треба да бидат опфатени 100-тина прехранбени производи, а во Министерството за економија се прават анализи дали да се замрзнат цените или да се ограничат маржите. Од 28-ти овој месец треба да стапи на сила и Законот за нефер трговски практики со кој се очекува да има одредено намалување на цените. бак/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан