• четврток, 26 декември 2024

Се бараат креативни решенија за кампања за донирање органи

Се бараат креативни решенија за кампања за донирање органи

Скопје, 12 февруари 2024 (МИА) - Професионалните дизајнери имаат можност да достават креативни решенија за брендирање кампања за подигнување на свеста за донирањето органи, што се реализира во рамки на Проектот за поддршка на системот за трансплантација во земјава.

Проектот е финансиран од страна на Европската Унија и се реализира во соработка со Министерството за здравство. Целта е да се подигне јавната свест за органодарителството и трансплантацијата, преку креативно изразување

- Tрансплантацијата на органи, освен што спасува животи, ги поставува и темелите на етичките принципи во здравството, но и во општеството во целина. Органодарителството не само што спасува животи на пациентите кои немаат друг избор за лекување, туку и ја испитува нашата хуманост. Семејствата на донорите заслужуваат почит и признание за нивниот алтруизам и надежта која ја даваат за подобра иднина на болните, но и на целото општество преку нивниот пример. Токму ова е иницијалната замисла за започнување кампања за подигнување на свесноста за органодарителството, се наведува во соопштението од Проектот за поддршка на системот за трансплантација.

Повикот до професионалните дизајнери, како што се појаснува, се однесува на дизајнирање сеопфатен пакет за брендирање преку креирање визуелни решенија - лого, постер, слоган, кои ефикасно ја подигнуваат свеста за критичната важност за донирањето органи и за трансплантацијата. 

- Целта на креативните решенија е да информираат и едуцираат, притоа доловувајќи ја суштината на пораката за надеж, живот и единство, како асоцијација на хуманиот чин на органодарителството. Секој дизајнер може да аплицира со еден пакет за брендирање. Петчлено жири одлучува за доставените решенија, се појаснува во соопштението.

Рокот за доставување на решенијата е 4 март. Повеќе информации може да се најдат на info@transplantacija.mk.

Најдобрите 10 до 15 избрани решенија ќе бидат дел од изложба организирана на јавен простор. Комисијата, како што се наведува во соопштението, го задржува правото да не избере ниту едно од поднесените решенија. бд/бак/

Фото: Министерство за здравство

Остани поврзан