• четврток, 26 декември 2024

Се асфалтираат улици во Ранковце во вкупна должина од 5.5 километри

Се асфалтираат улици во Ранковце во вкупна должина од 5.5 километри

Крива Паланка, 13 октомври 2023 (МИА) - Градоначалникот на Општина Ранковце, Борче Спасовски, денеска изврши увид во градежните работи на терен за асфалтирање на улици во село Ранковце во вкупна должина од околу 5.5 километри.

Вредноста на инвестицијата изнесува 3.200.000 денари, средства обезбедени преку Министерството за локална самоуправа.

- Во тек е асфалтирање на улици во село Ранковце, на потегот од Десетак – Крајчина маала до Млин, улица во должина од 5330 метри и уличка со должина од 100 метри, со вкупна вредност на проектот 3.2 милиони денари. Средствата се обезбедени од Министерството за локална самоуправа преку Биро за регионален развој, а покрај овој  проект, во завршна фаза е и изградбата на втор дел од канализационата мрежа во село Љубинци. Оваа инвестиција е во вредност од околу еден милион денари, финансиран од Биро за регионален развој преку Центар за развој на Североисточен плански регион,  „Програма за регионален развој 2022 и 2023 година". Во општината тековно се работи и на изградба на два пропусти и тампонирање на околу половина километар пат во селото Опила, информира градоначалникот Спасовски.

Во изминатиот период општината набави две возила и приклучно возило за потребите на јавните претпријатија во Ранковце.

- Овие месеци работевме на доопремување на службите со механизација, набавена е нова, повеќенаменска градежна машина, комбиниран ровокопач-утоварач, скип преку Центарот за развој на Североисточниот плански регион во рамки на проектот „Оформување на функционални средини во областа на животна средина и рурален развој“. Оваа градежна машина придонесе за обезбедување поквалитетни услуги за граѓаните и решавање на секојдневните проблеми со кои се соочуваат жителите на општината. Инвестираме значителни средства во набавка на опрема и обезбедување на повисок квалитет на услуги за граѓаните. Обезбедивме и теренско возило, „Лада нива" од Дирекција за заштита и спасување за потребите на ТППЕ Ранковце за подобро и поефикасно извршување на работните задачи, додека за подостапни услуги за граѓаните сп сопствени буџетски средства набавена беше и тракторска приколка, додава Спасовски.

Тој најави дека во претстојниот период ќе се изврши набавка на уште едно возило за потребите на јавните претпријатија од Општина Ранковце. ид/цр


Фото: Општина Ранковце 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан