• недела, 24 ноември 2024

Сечачите на дрва во Кичево активни и во зимскиот период

Сечачите на дрва во Кичево активни и во зимскиот период

Кичево, 17 март 2022 (МИА) - Иако најголемиот дел од работата сечачите на дрва во Кичево ја имаат во текот на летото и есента, сепак и во зимскиот период има домаќинства кои поради недостиг на дрва вршат вонредни набавки. За да ги прилагодат дрвата за огрев тие ги сечат за што ги ангажираат сечачите на дрва присутни во градот. Тоа го потврдува и еден од најстарите сечачи на дрва, кој точно триесет години се занимава со оваа дејност, Сали Рахмани.

-Ние главниот дел од работата го имаме во текот на летото и првите два месеци од есента. По овој период спласнува нашиот ангажман, но не ретко не повикуваат граѓани и жители од селата кои дополнително набавиле дрва за огрев или ги имале на залиха и сметале дека веќе пресечените дрва им се доволни за да ја поминат зимата.Така и во изминатите три месеци наши сограѓани не ангажираа за да им пресечеме дрва за преостанатиот дел од грејната сезона, а во најголем дел се работи за количини од два до четири кубика, вели Рахмани.

Тој нагласи дека цената за кубик пресечени дрва е нешто повисока споредено со летниот и есенскиот период и изнесува 300 и повеќе денари.

-Не сме секојдневно ангажирани во текот на зимата, а оние што ќе не повикаат во тој период плаќаат нешто повисока цена бидејќи специјално за нивните потреби треба да ја запалиме машината, да потрошиме повеќе гориво и да ја завршиме работата, нагласи сечачот на дрва Сали.

Ги наведе причините зошто во текот на зимата тарифата е нешто повисока во однос на летото. - Ако имаме повик од селата тогаш цената е над онаа за која сечеме во градот поради далечината што е поврзана со зголемена потрошувачка на  гориво. Цената мора да биде и повисока од причина што времето е постудено и мораме два-три часа да работиме на отворен простор, а и дрвата поради ниските температури и влагата се многу потешки, а потрошувачката на гориво на машината е поголема, споредено со летниот период, додаде Рахмани.

Домаќинства  на кои им е неопходно да пресечат дрва за огрев, како што рече, не прашуваат за цена бидејќи не постои друг начин да ги подготват дрвата за затоплување на домовите. за/мд/

Остани поврзан