• четврток, 26 декември 2024

Сеул: Северна Кореја и испорача на Русија 7.000 контејнери со муниција

Сеул: Северна Кореја и испорача на Русија 7.000 контејнери со муниција

Сеул, 18 март 2024 (МИА) - Јужнокорејскиот министер за одбрана Шин Вон-сик денеска изјави дека Северна Кореја од лани до сега и испорачала на Русија околу 7.000 контејнери со муниција и друга воена опрема за војната во Украина. 

Шин Вон-сик  зборуваше на прес-конференција неколку часа откако беше објавено дека Северна Кореја утринава истрелала неколку балистички ракети со краток дострел кон нејзините источни води. Тоа беше направено само неколку дена по завршувањето на воените вежби на Јужна Кореја и САД.

Јужнокорејскиот министер додаде дека за испораките првично се користеле бродови за превоз, а сега се користи железницата.

Северна Кореја, рече Шин, за возврат добила 9.000 контејнери, а се претпоставува дека содржеле храна, гориво и воена помош за зајакнување на армијата. 

Санкциите на Советот за безбедност на ОН строго го ограничуваат увозот на нафта и нафтени деривати во Северна Кореја.

Од почетокот на 2022 година, Северна Кореја го користи пренасочувањето на вниманието на јавноста кон руската инвазија за да ги интензивира тестирањата на оружје и се обидува преку Москва, на која и се претстави како близок соработник, да излезе од дипломатската изолација и да се приклучи на обединет фронт против САД.

Американските и јужнокорејските власти ја обвинија Северна Кореја дека во последните неколку месеци и испорачала на Русија артилериски гранати, проектили и друга опрема за напад врз Украина и дека трансферите се забрзани по септемврискиот самит меѓу Ким Џонг–ун и рускиот претседател Владимир Путин. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан