Сестрите од манастирот во Рајчица почнаа со изработка на божиќни пештери
- Сестрите од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица, дебарско, традиционално и оваа година почнаа со изработка на божиќните пештери, кои ја внесуваат божиќната атмосфера во православните домови.
Дебар, 15 ноември 2024 (МИА) - Сестрите од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица, дебарско, традиционално и оваа година почнаа со изработка на божиќните пештери, кои ја внесуваат божиќната атмосфера во православните домови.
-Со благослов на нашиот старец, епископот Антаниски г. Партениј, и оваа година почнавме со изработка на божиќните пештери. Ќе се потрудиме благонаклоно да одговориме на сѐ поголемиот интерес и да изработиме пригодни Божикни традиционални украси во вид на некогашната Витлеемска пештера, изјави за МИА сестра Ефимија, додека сестрите со своите вредни раце привршуваа со изработката на божиќна пештера.
Ни објасни дека се изработуваат од различни прикладни материјали, автентично украсени и збогатени со иконата на рождеството Христово и со кандило, и така даваат можност на сите заинтересирани да го надополнат божикниот амбиент во својот дом во духот на нашата православна традиција.
Заинтересираните верници кои сакаат да си ги украсат своите домови со рачно изработена божикна пештера, посочи, може да нарачаат на следниов број: 075 245 791 кај сестра Филотеја, посакувајќи божиќната радост да се всели во секој православен дом.
Сестрите од Рајчица со голема љубов кон Бога, трпение и молитви за мир и благосостојба, изминатите петнаесеттина години, имаат изработено со стотици пештери, во различна големина, кои красат многу домови, цркви, но и простории на компании, фирми, институции. вт/дма/
Фото: МИА