• четврток, 26 декември 2024

Сесија на НКЕУ-МК за Поглавје 23: Рејтингот на правосудните институции во земјава е низок, опаѓа поддршката на граѓаните за членството во ЕУ

Сесија на НКЕУ-МК за Поглавје 23: Рејтингот на правосудните институции во земјава е низок, опаѓа поддршката на граѓаните за членството во ЕУ

Скопје, 25 април 2023 (МИА) - Рејтингот на правосудните институции во нашата држава е прилично низок, а низок е и процентот на поддршка на граѓаните за членството во ЕУ, односно речиси е преполовен. Важна е политичката волја која ја покажува Владата на овој план, но неопходно е од оваа декларативна политичка волја, да се премине со поголеми активности на планот на реформите. Работната група 3 е добра можност да се види дали заклучоците од препораките и од самата сесија се релевантни и ја отсликуваат реалноста на нашата држава.

Ова беше посочено на денешната единаесеттата сесијана Работната група 3 –Правосудство и основни права (Поглавје 23), на тема „Улогата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во стекнувањето независност и интегритет во судството“, чиј домаќин беше Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија, а во организација на Европското движење.

Националната координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење, Милева Ѓуровска на денешната сесија информираше дека околу 40 отсто од препораките на Националната конвенција се веќе имплементирани.

-Во изминатите шест години НКЕУ креираше посебен круг на експерти, чии дијалози и препораки беа корисни за владиниот сектор“, заклучи Ѓуровска, потврдувајќи дека проектот Национална конвенција за Европската Унија во Северна Македонија претставува добра платформа за вклучување на граѓанскиот сектор во дебати за теми поврзани со процесот на европската интеграција, со цел да се подготват сите капацитети на државата за претстојниот процес на преговори со ЕУ, рече Ѓуровска.

Според неа, рејтингот на правосудните институции во нашата држава е прилично низок.

Сесија на НКЕУ-МК за Поглавје 23  фото/Европско движење Северна Македонија

-Од друга страна, низок е и процентот на поддршка на граѓаните за членството во ЕУ, кој што е значително опаднат. Од 80 проценти поддршка за ЕУ која беше пред една декада, сега според последните анкети, поддршката е  приближно 40 проценти. Многу е важна политичката волја која ја покажува Владата на овој план, но е неопходно од оваа декларативна политичка волја, да се премине со поголеми активности на планот на реформите. Реформскиот процес треба да биде во фокусот, посочи Ѓуровска.

Таа додава дека европскиот простор се заситува многу повеќе со политички сегменти, отколку со позитивни аспекти на самиот евроинтеграциски процес.

Како што рече, во Поглавјето 23, граѓанскиот сектор во нашата држава е силен. Посочи дека имаме повеќе платформи кои дејствуваат овде, но забелешката за граѓанскиот сектор е дека и овој сектор како и многу институционални аспекти кај нас, не се поврзани едни со други.

-Нема синергија меѓу граѓанските здруженија кои дејствуваат на планот на евроинтеграциските процеси и можеби оваа конвенција би дала еден посебен влог на тоа да ги охрабри граѓанските здруженија, да ја користат оваа платформа, како платформа каде што тие ќе ги искажат своите резултати, а ги има многу, но остануваат во сопственост на самите здруженија, рече Ѓуровска.

Претседателот на Советот на амбасадори Мухамед Халили во уога на копретседавач, отворајќи го експертскиот дел од сесијата, посочи дека нашиот правен систем е полн со непотизам и тоа може крајно лошо да влијае на државата.

Сесија на НКЕУ-МК за Поглавје 23 ФОТО/ МИА

Додаде дека на сите ни е жал што јавноста до сега нема конкретен одговор од страна на судиите и нема во Законот за кривична постапка некои елементи со кои и судиите што носат важни одлуки се одговорни да ја бранат својата одлука, а доколку погрешиле, грешката да има консеквенции, а тие да одговараат пред некоја институција.

Професорот од Правниот факултет „Јустинијан први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Никола Тупанчески, инаку континуиран експерт во НКЕУ, рече дека Работната група 3 е добра можност да се види дали заклучоците од препораките и од самата сесија се релевантни и ја отсликуваат реалноста на нашата држава.

Со работниот наслов на сесијата „Регулација, прагматички контекст и ефекти vis-à-vis Поглавјето 23 и одговорноста на релевантните субјекти во спроведувањето на правдата во Македонија“ е опфатено сè што треба да се дискутира на оваа сесија, и дијалогот е насочен кон она што навистина е потребно.

Според Тупанчески, ако судот има контролна улога, се движиме по траекторија што го поставува прашањето „Кој ги контролира контролорите?“ Грешките можат да бидат намерни и ненамерни, и затоа аспектот нема да биде врз кривично-правната одговорност, туку општата целосна одговорност.

-Еден сегмент за оценувањето на судиите е 10 отсто од вкупниот број на оценката да биде од интервјуто, кое се однесува на социјалните компетенции на судскиот совет, предлага Тупанчески.

На дебатата беа вклучени и други експерти од областа на правото, судии, универзитетски професори, но и претставници на граѓанскиот сектор, релевантни за оваа тема. бт/нд/

 

 

Остани поврзан