• четврток, 26 декември 2024

Сертицифирани шест граѓански организации со „ознака за доверба“

Сертицифирани шест граѓански организации со „ознака за доверба“

Скопје, 29 мај 2024 (МИА) - Здружението „Конект“ преку проектот на УСАИД - „Партнерства за донирање“ посветено работи на зголемување на довербата во граѓанскиот сектор. Ознаката за доверба е само-регулирачки систем со цел на граѓаните и компаниите да им се олесни изборот на доверливи организации каде можат да донираат за цели од јавен интерес. На форумот за филантропија 2024 беа сертифицирани шест организации, кои под менторство на „Конект“, ги достигнаа високите стандарди и ги исполнија критериумите за стекнување, информираат денеска од ова здружение.

- Ознаката се добива преку внимателно креиран процес и критериуми за транспарентност, отчетност, резултати од работењето, почитување на законската регулатива. Ознаката претставува стандард за добро работење, ја доделува независен одбор, а процесот вклучува многу детални проверки на политиките, практиките и работата на организациите, се појаснува во соопштението.

Како проверени организации за кои се препорачува да се поддржат, со ознака за доверба од целосно ниво, се „ХОПС - Опции за здрав живот Скопје“, Сојуз на извидници на Македонија, Здружение „Македонска асоцијација на земјоделски задруги“, Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“, Фондација за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“. Додека, организацијата која добила ознака за доверба од основно ниво, е Македонската Асоцијација на советници за развој на кариера АСК.

- Активностите на ознаката за доверба се поддржани во рамки на проектот на УСАИД -„Партнерства за донирање“, спроведуван од „Конект“, во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право (ECNL), Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, „Индиго“ и Американската стопанска комора во Северна Македонија, се додава во соопштението. бд/дма/

Фото: Здружение „Конект“

Остани поврзан