• петок, 27 декември 2024

Семинаристите од Летната школа по македонски јазик разговараа со писателот Влада Урошевиќ

Семинаристите од Летната школа по македонски јазик разговараа со писателот Влада Урошевиќ

Охрид, 23 август 2023 (МИА) - Семинаристите од 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ (МСМЈЛК при УКИМ) што се одржува во Охрид денеска имаа можност да се сретнат и разговараат со писателот, академик Влада Урошевиќ, чиј роман „Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополски, за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ ја доби наградата „Роман на годината“ за 2022 година.

Слушателите на Летната школа од напреднатите рамништа имаа можност да го следат разговорот што со авторот го водеше новинарката Катерина Богоева, членка на Фондацијата.

- Семинаристите покажаа голем интерес за разговорот со Урошевиќ и за неговиот најнов роман. Покрај прашања за романот и воопшто за неговите прозни дела, се отворија и прашања за поезијата и за неговиот истражувачки порив. Меѓу другото, Урошевиќ со семинаристите сподели и свои сеќавања од Струшките вечери на поезијата, навраќајќи се кон нивните почетоци, токму во годината кога е добитник на Златниот венец, информираат од МСМЈЛК при УКИМ.

Со одржаниот разговор со Влада Урошевиќ МСМЈЛК при УКИМ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ ја продолжуваат традицијата на претставување на лауреатите на престижната награда за роман напишан на македонски јазик пред учесниците на Школата.

Некогашниот „Утрински весник“ што ја востанови и ја доделуваше наградата „Роман на годината“ во текот на целото свое постоење (1999 -2017), гостуваше со неколку од досегашните 24 лауреати и на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ. Фондацијата „Славко Јаневски“ продолжи со доделување на истата награда почнувајќи од 2017 година. аб/аа/

фото/УКИМ

Остани поврзан