• четврток, 26 декември 2024

Семејство од Швајцарија инвестира во изградба на Дом за стари лица во Делчево

Семејство од Швајцарија инвестира во изградба на Дом за стари лица во Делчево

Делчево, 23 април 2023 (МИА) - Во Делчево започна изградбата на Дом за стари лица како приватна инвестиција на семејство од делчевското село Град, кое долги години живее во Швајцарија. Локацијата каде се гради Домот е во селото Тработивиште, веднаш до регионалниот пат Делчево - Пехчево - Берово, каде во рок од три години е предвидено да биде изграден објект во чии простории ќе бидат згрижени околу 35 корисници.

Идејата за изградба на Домот за стари лица е на младата Драгана Стоичова и нејзиниот покоен брат, во чија чест установата ќе го носи името „Филип Стоичов“.

-Овој дом за стари лица ќе биде наменет да згрижи околу 35 лица од Делчево и околните места. Изградбата е предвидена да трае околу три години, а ќе бидат вработени околу 20 лица. Постапката околу добивање на потребните дозволи за одобрение за урбанизација на овој простор траеја околу три години, се се заврши благодарение на проектантот Гоце Попов на кој му се заблагодарувам, рече Стоичова.
 
 
Иако идејата е од поодамна, нејзиниот татко Тони Стоичов додаде дека најтешко било да се најде соодветна локација за објектот.
 
-Долго време барав локација од Македонска Каменица до Берово, божја волја можеби што ја најдовме овде каде што сме сега. Тука е патот Делчево - Пехчево - Берово, имаме обезбедено канализација и струја. Местото првично беше земјоделско, кое беше пренаменето за градба, сите документи се обезбедени и еве почнаа градежните работи, истакна Стоичов.
 
По изградбата на објектот, идејата, како што додаде делчевскиот иселеник е старите лица да добијат грижа каква што ја добиваат корисниците на вакви услуги во Швајцарија.
 
-Сакаме да воведеме швајцарски начин на работа. Имаме деца кои студираат таму, во старечки домови кои ќе ја земат одговорноста за едукација на кадарот, кој ќе работи тука со многу дисциплина и ред, односно секој корисник во секој поглед да ја добие услугата која ја заслужува. Сите кои ќе работат ќе се стекнат со соодветни лиценци, потврдени од швајцарска агенција, истакна Стоичов.
 
Со изградбата на Домот за стари лица, како што истакна архитектот Гоце Попов, Делчево добива групен дом за стари лица кој од поодамна му недостигаше на Делчево.
 
-Посебно ми е мило што локацијата на овој објект му е во село Тработивиште од каде и јас потекнувам. Секако дека ќе придонесе за развој и на општината и на ова село. Постапката беше макотрпна, но по добивањето на дозвола за пренамена изработивме проект со сите фази и одобрение за градба. Мило ми е што корисниците на Домот ќе добијат услуга на високо ниво со швајцарски стандарди. Предвидени се простории за нивна социјализација, за нивна дружба. Ова не е дом каде старите ќе седат само во соби, туку ќе има повеќе простории, со дневни простори, трпезарија, кујна, простор за масажа и терапија, простории за лекари и медицински персонал, со еден збор објект кој ги исполнува сите стандарди за ваков тип на установа, потенцираше Попов, кој се заблагодари на сите од Општината, вклучително и претходниот состав на Советот на Општина Делчево и делчевскиот градоначалник, кои помогнале оваа идеја да започне со реализација.
 
 
За жителите на Делчево изградбата на Дом за стари лица е инвестиција која ќе го реши проблемот со згрижувањето на стари лица, кои најчесто ваквата услуга ја бараа во Домот за стари лица во Берово, како единствена општина во Пијанечко-малешевскиот регион која овозможува грижа за старите лица од овој дел на државата. вс/мд/
 
Фото: МИА

Остани поврзан