• сабота, 23 ноември 2024

Семејството на Шумахер најави тужба поради наводно негово „интервју“, генерирано со вештачка интелигенција

Семејството на Шумахер најави тужба поради наводно негово „интервју“, генерирано со вештачка интелигенција

Минхен, 20 април 2023 (МИА) - Семејството на Михаел Шумахер најави правна постапка против германски неделник поради наводно „интервју“ со легендарниот шампион во Формула 1, генерирано со вештачка интелигенција (АИ).

Познатиот „Шуми“ не е виден во јавноста откако доживеа тешка повреда на мозокот во несреќа на скијање на семеен одмор на француските Алпи во декември 2013 година. Оттогаш, семејството ја чува неговата приватност, а само најблиските имаат пристап до Шумахер. За неговата состојба се објавуваат малку информации.

Во весникот „Ди Актуеле“ (Die Aktuelle), сепак, осамна насловна страница со слика на седумкратниот шампион на Ферари, насмеан и со ветувачки наслов - „Михаел Шумахер, прво интервју“, истакнувајќи дека „звучи реално“.

Испадна дека цитатите се генерирани од АИ.

Во документарец од 2021 година, сопругата на Михаел - Корина Шумахер истакна дека живеат заедно дома, дека тој оди на терапија и дека прават сѐ за животот да му биде подобар и удобен.

- Се обидуваме да продолжиме како семејство, онака како што сака Михаел. И ние продолжуваме со нашите животи. Приватното е приватно, како што секогаш велеше. Многу ми е важно тој да продолжи што повеќе да ужива во приватниот живот. Михаел отсекогаш нѐ штител, па сега и ние го штитиме Михаел, изјави Корина.

Синот на Шумахер - Мик сега е резервен возач на Формула 1 тимот Мерцедес, откако лани го загуби своето место во конструкторскиот тим Хаас.  си/паг/

Фото: МИА архива.

Остани поврзан