Селската куќа на Чарлс Трети во Трансилванија
- Монархот, кој е и во роднински врски со поранешниот романски крал Михаил, купил и реновирал „колипка“ во саксонски стил од 18. век во селото Вискри на рид во Трансилванија.
Букурешт, 13 септември 2022 (МИА) - Кралот Чарлс Трети, кој по смртта на неговата мајка - британската кралица Елизабета Втора, седна на престолот, важи за „љубезен и ангажиран сосед“ во едно село во Романија...
Монархот, кој е и во роднински врски со поранешниот романски крал Михаил, купил и реновирал „колипка“ во саксонски стил од 18. век во селото Вискри на рид во Трансилванија. Чарлс првпат ја посетил областа во 1998 година, тогаш како принцот од Велс, и бил шармиран од нејзината различност и издржливост, и покрај сиромаштијата што и денес сè уште преовладува во рурална Романија. Меѓу другото, тука е и „Сината куќа“ што тој ја купил 2006 година. Тој се префрли на реновирање на имотот, кој сега служи за изнајмување, а целиот приход од букирањата оди во неговата тамошна добротворна организација. Сѐ ова помогна да се стави селото Вискри и целото тоа подрачје на светската мапа на туризмот. Тука се одржува онаа рустикална естетика - со високи тавани и варосани ѕидови. Одредени делови од просторот се украсени со тапети со традиционален дезен и рачно насликани чинии, што ја отсликува изворната трансилванска култура. Спалните соби се опремени исклучиво со старински мебел. Според интернет-страницата на гостинската куќа, овде нема телевизија и радио, со цел - да се создаде атмосфера на мир и тишина. Добротворната организација на кралот Чарлс, како и други групи, помогнаа во реставрацијата на наследството, инфраструктурата и развојот на одржливо земјоделство. За време на редовните официјални и приватни посети на Романија, кралот посетува саеми, училишта, па на собирите со гоштевање со националните јадења, тој знае да ужива и во звуците на тукашната народна музика. https://twitter.com/i/status/1569600519370407938 - Никаде на друго место во Европа не сум нашол пејзажи толку добро сочувани и толку продуктивни, рече Чарлс за време на посетата на Романија во мај. Тој тогаш се сретна со воените бегалци од Украина и присуствуваше на проект за садење дрвја поддржан од европски те држави. - Секој што патува овде има што да научи од начинот на којшто Романија се потпира на обновливите пристапи за создавање екосистеми богати со видови и социо-еколошки богати пејзажи во области како Трансилванија, каде што луѓето сè уште живеат во хармонија со природата, рече тој. Инаку, саксонските села доживеаја преродба последниве 15 години. Сепак, иако се создадоа нови работни места во Трансилванија, сѐ тоа ги зголеми цените на имотот и трошоците за живот. си/