• петок, 27 декември 2024

Селото Герман, се уште отсечено, 15 ученици следат онлајн настава

Селото Герман, се уште отсечено, 15 ученици следат онлајн настава
Крива Паланка, 3 февруари 2022 (МИА) - Се уште е непрооден патниот правец кон селото Герман, Општина Ранковце, механизацијата е на терен, а од надлежните за расчистување на регионалниот пат, Јавно претпријатие „Македонија пат“, информираат дека се очекува до крајот на денот, доколку временските услови го дозволат тоа, да биде пробиен. Директорката на основното училиште „Христијан Тодоровски - Карпош", Христина Младеновска, рече дека втор ден учениците следат онлајн настава. - Во согласност со временските услови подготвени сме да бидеме флексибилни и прилагодени на истите, така што наставниот процес во овие два дена за петнаесетте ученици од селото Герман се одвива онлајн. Тие се вклучени во наставата, им се доделуваат наставни содржини,а дополнително, ќе се координираме и физички да се одржат часовите, изјави Младеновска. Поради непристапноста на теренот, ниту наставниците, ниту учениците не можат да стигнат до училиштето. Како што информираше градоначалникот на Општина Ранковце, Борче Спасовски, станува збор за специфичен терен, наносите од снег наместа изнесуваат и над еден метар, а речиси секоја година при поголеми врнежи од снег, селото останува отсечено најмалку по еден ден. Потенцира дека службата за зимско одржување на патиштата ажурно работи за обезбедување пристап на мештаните до општината, како и непречено одвивање на наставата за учениците. Според информациите од жителите на селото Герман, висината на снежната покривка изнесува околу седумдесет сантиметри. ид/цр  

Остани поврзан