• четврток, 26 декември 2024

Села за МИА: Али Ахмети и ДУИ се сезонски Албанци

Села за МИА: Али Ахмети и ДУИ се сезонски Албанци
Скопје, 6 јули 2020 (МИА) - Али Ахмети и ДУИ се факултативни Албанци, сезонски Албанци. ДУИ преку предлогот Албанец премиер сака да опстои и да ги задржи гласачите што ги имаше, со што загубата на изборите да не им биде голема. Ова во интервју за МИА го изјави претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, прашан да ја искоментира изборната стратегија на ДУИ за премиер Албанец. - Мислам дека не е првпат, ова јас го предвидував и најавував за време на локални и претседателски избори. Тогаш ние поддржавме кандидат Албанец за претседател, a Али Ахмети тогаш се шегуваше со нашиот предлог, иако целта наша беше албанските гласачи да ги држиме во албанските политички партии. Од друга страна, јас уште тогаш имам најавено дека ќе ги гледате овие факултативни Албанци. Али Ахмети и ДУИ се факултативни Албанци, сезонски Албанци, кога на локални избори не им пречи со Љубе Бошковски или со кој било  да одат заедно и да се повикуваат на граѓанството. На претседателските избори, бидејќи знаеја дека длабоко ќе губат на тие избори ако излезат со нивен кандидат, правеа кампања и во првиот круг го поддржаа кандидатот на СДСМ. Уште тогаш најавив дека кога ќе дојдат парламентарните избори тие веднаш ќе станат големи патриоти, што не се. Ниту големи Албанци, не се, оцени Села за МИА. Според него, предлогот на ДУИ излегол по анкетите на ИРИ, според кои, како што кажа Села, ДУИ бил зад Алијанса за Албанците. - Тоа го натера Али Ахмети да излезе со овој предлог, ама и не е првпат. Паметите ли во 2014 кога Али Ахмети излезе со идејата за консензуален претседател, тоа беше единствена можност Албанците да бојкотираат, а кога си на власт да можеш да го контролираш за да не излезе, за да победи Иванов уште еден мандат. И две недели после тоа беа парламентарните избори. ДУИ тие две недели зборуваше и ветуваше Али Ахмети дека ние веќе кога немаме премиер и претседател што во државата не е консензуален, ние нема да попуштиме со претседателот на Собранието да биде Албанец. Што се случи, одма после изборите пак се гушкаа со Груевски и со ВМРО, и дури и правеа натпревар со ДПА, кој прв ќе го гласа Трајко Вељановски за спикер на Собранието. И на прашање на новинар зошто ги лажеше Албанците, Али Ахмети рече „јас сум разумен политичар“, рече Села. Тој, вели Села, уште е разумен политичар, ама, како што рече, вака си прави игри пред гласачите и го крева адреналинот кај Албанците за да придобие што повеќе гласови. -Од друга страна, за жал во неговата намера му помагаат и двете македонски партии, за нив прилагоден партнер би бил ДУИ, оценува Села за МИА. Претседателот на Алијанса за Албанците, во интервјуто за МИА, оценува дека не треба да има валкана кампања, во која речиси секојдневно одекнуваат „бомби“ и оти тоа треба да биде предмет на судството, а не на политичките партии. -Во јавноста имаше многу прислушувани разговори од страна на ДУИ со секакви квалификувања од нивниот лидер, што во однос на она фамозното „Индијанци“ на Гордана Јанкуловска, квалификувањата на Али Ахмети за Албанците беа уште полоши. Без разлика, не се занимаваме со таа тема. Ние сакаме да покажеме дека сме различни, дека треба да дојде промената, не само физички, но и суштински треба да се променат работите во ова општество, вели Села за МИА. Со лидерот на Алијансата за Албанците разговаравме и за клучните темели во нивната програма со кои ќе ги привлечат гласачите, за тоа како ќе се борат против корупцијата, за можни предизборни коалицирања... Целосното интервју со Зијадин Села за МИА заедно со видео материјалот ќе биде објавено утре. нд/ац/    

Тагови

Остани поврзан