• сабота, 23 ноември 2024

Села:  Треба да се почитува волјата на народот и за Влада да преговараат мандатар со победник 

Села:  Треба да се почитува волјата на народот и за Влада да преговараат мандатар со победник 

Скопје, 17 мај 2024 (МИА) –  Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села изјави дека со приговорите до ДИК се прави изборен инженеринг од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Вреди  за да се намали бројот на пратеници на коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, во која учествува и крилото на партијата АА што тој ја предводи.

-Дека се работи за изборен инженеринг, тоа е повеќе од јасно. Ако се види во кои изборни места се поднесени жалби и каде се повторува, повеќе од јасно е дека се направи изборен инженеринг и закрупнување на македонските политички сили, ВМРО и СДСМ заедно со Вреди ги повторуваат изборите во изборното место во родното место на Билал Касами. Во изборно место каде Вреди има победено со 3 на 1 наспроти „Европскиот фронт“ и каде што немаат никаков доказ за да се повтори, рече Села во интервју за емисијата „Трилинг“ на ТВ24. 

Според него, треба да се почитува „демографската реалност во Македонија“ и дека право да состави Влада има мандатарот и победникот на изборите. Народот на 8 мај, како што рече, гласаше за „Европскиот фронт“ да преземе одговорности и да биде на власт, а „за друг гласаше кој да биде во опозиција“.

-Погрешна е дефиницијата победник со победник и нема логика бидејќи победникот од македонската страна е дефиниран со Устав и со закон, добива мандат.  Дефиницијата треба да биде мандатар со победник и да преговараат за да состават Влада, за да се испочитува демографската реалност. За да има стабилност и да одиме напред, треба да се испочитува волјата на втората по ред етничка заедница во државава, која не е мала, туку е 30 отсто наспроти 54 отсто колку што се Македонците, според последниот попис на населението, рече Села. 

На прашањето како коалицијата „Европски фронт“ ќе се однесува како идна опозиција, одговори дека тоа е желба на Мицкоски, но дека треба да се почитува желбата на граѓаните. 

-Како последица на тоа како ќе биде решено, и ние ќе се однесуваме сразмерно на тоа што ќе биде решено. Не сакам да коментирам желби. Од друга страна, уште од ДИК не се објавени мандатите крајни, кој колку има, уште господинот Мицкоски не е мандатар, зборувам од формално-правен аспект, додаде Села. 

Според него, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го почнала мандатот со „дипломатски инцидент“. Тоа не е добро за државата, рече, зашто повторно се отвораат проблеми со соседите наместо да се напредува кон ЕУ, а по изборот на таа функција „ личнитеставови повеќе не се важни“.  Смета и дека Јован Митревски, претседателот на Собранието,  требало „да инсистира да се почитува Уставот на Северна Македонија“ за време на свечената заклетва.  

Во врска со најавата на Сиљановска-Давкова во кампањата дека ќе ги помилува обвинетите во случајот „27 април“, Села не се согласува и одговори дека тоа би било голема грешка затоа што „тие луѓе заслужено се таму каде што се и не треба да има помилување на такви луѓе кои си зеле за право да го уценат уставниот поредок на државата“. хс/са/ 

Фото: Принтскрин / Трилинг

 

Остани поврзан