• четврток, 24 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Секторот за инспекциски надзор почна да поставува опомени на хаварисани возила на подрачје на Куманово

Секторот за инспекциски надзор почна да поставува опомени на хаварисани возила на подрачје на Куманово

Куманово, 10 април 2025 (МИА) - Секторот за инспекциски надзор од Куманово од денеска почна со поставување  опомени на хаварисани, неисправни или нерегистрирани моторни возила, паркирани на јавна површина во градот, информираше денеска градоначалникот на општината, Максим Димитриевски.

-Се повикуваат сопствениците на ваков вид возила да се обратат до Сектор за инспекциски надзор – Инспекторат, со цел возилата бесплатно да им бидат транспортирани на соодветна локација. Во спротивно, доколку сопствениците не постапат согласно со бараното, против нив ќе биде поднесена пријава за сторен прекршок, според член 63, став 1 и 2 (Закон за безбедност на сообраќај на патишта), член 14 а, став 2 (Закон за јавна чистота) и член 67, став 3 (Закон за управување со дополнителни текови на отпад), информира Димитриевски.

Неодамна претставници од повеќе сектори од општина Куманово, од СВР Куманово и од оператори за управување со отпад на одржаа состанок и разговараа за конкретни чекори и за забрзување на постапката за отстранување и дислокација на хаварисани возила. На тогашната средба беа дефинирани дефинираат конкретни чекори кои треба да ги преземат сите субјекти одговорни за процесот на дислокација на хаварисаните возила. На средбата присуствуваа претставници од Општината,  Советот,  Секторот за комунални дејности,  Секторот за инспекциски надзор, од ЈП „Куманово Паркинг“, СВР Куманово, фирма за колективни постапувачи со кои општината склучила договор за извршување активности и мерки поврзани со процесот на отстранување на отпадните возила.

Првично Општина Куманово воведе можност за бесплатно отстранување на хаварисаните возила на подрачјето на општината во октомври лани. По истекот на акцијата за бесплатен транспорт на хаварисаните возила, задолжените служби ќе почнат со отстранување на возилата кои со години зафаќаат простор на тротоарите. Според информациите на комуналните инспектори, само во централното градско подрачје во Општина Куманово има седумдесетина автомобили кои со години стојат на иста површина и ги зафаќаат тротоарите. ам/дма/


Фото: Општина Куманово

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан