• сабота, 23 ноември 2024

Секретарот на Општина Тетово: Немам ниту донесено, ниту потпишано документ за отстранување на крстот на Попова Шапка

Секретарот на Општина Тетово: Немам ниту донесено, ниту потпишано документ за отстранување на крстот на Попова Шапка

Тетово, 28 декември 2023 (МИА) - Секретарот на Општина Тетово, Дарко Коцевски упати отворено писмо до јавноста со цел да ги оспори тврдењата на политичките партии кои го споменуваат на своите прес-конференции во врска со издавањето на решение за отстранување на крстот од црковниот имот на Попова Шапка. Коцевски потенцира дека како административен службеник на Општината ниту донел одлука ниту пак потпишал документ околу крстот, наведувајќи дека нема такви овластувања, и дека тоа го направила друга општинска служба.

-Се чувствувам должен да се обратам на јавноста и да реагирам по повод безобразните лаги и дезинформации кои овие денови недобронамерници преку прес конференции и портали, свесно ги шират против мене, а се со цел да ме инволвираат во своите нечисти политички интриги, со цел предизвикување на меѓуверски и политички тензии. Сакам да потенцирам дека како секретар на Општина Тетово, немам ниту донесено ниту потпишано какво било решение за отстранување на крстот во дворот на Манастирот на Попова Шапка. Воедно сакам да разјаснам, дека јас како секретар на општината ниту имам овластувања ниту ингеренции да донесам такви управни акти согласно Законот за инспекциски надзор, туку овластените градежни инспектори се самостојни во своето постапување.

Коцевски изразува загриженост што луѓе од СДСМ шират невистини за него иако биле на високи јавни функции.

-Загрижувачки е претставници на СДСМ кои се носители на високи јавни функции и кои согласно својот професионален ангажман биле директно вклучени во законскиот надзор на спроведување на законите, да шират небулози. Би сакал да ги прашам според кои законски акти секретарот на која било Општина носи решенија за уривање или пак, управни акти за поништување на такви решенија? Поради тоа што моето име е ставено во политички контекст, би го поставил и прашањето според кои закони за кои можеби не сум свесен, политичките партии носат решенија за уривање или пак истите ги укинуваат? До загрижените лица од СДСМ кои ме спомнуваат во пресови, би им порачал дека има теми кои не треба да се користат за собирање на ситни политички поени и во таа насока апелирам да не се злоупотребуваат верските чувства на граѓаните, бидејќи јас како човек не ги делам луѓето според својата вероисповест, вели секретарот на општината во писмото до јавноста.

Коцевски на крајот од писмото им порачува на порталите дека треба да разликуваат што е секретар на Општина, што е Генерален секретар, а што е Државен секретар и кои се нивните ингеренции. До порталите и порака дека за ширењето на невистини, клевети и навреди ќе ги користи заштитните законски механизми. ас/ир

Фото: МИА архива

Остани поврзан