• сабота, 23 ноември 2024

Секогаш постојат личности кои со провокации сакаат да ги нарушат односите меѓу Скопје и Софија, порача Ковачевски

Секогаш постојат личности кои со провокации сакаат да ги нарушат односите меѓу Скопје и Софија, порача Ковачевски
Скопје, 17 октомври 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски, во одговор на новинарско прашање да даде коментар на изјавите на одредени бугарски историчари, дека македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ бил Бугарин, а по повод канонизацијата на Кирил Пејчиновиќ во Лешочкиот манастир, рече дека историчарите треба да се занимаваат со историјата, а политичарите ќе се занимаваат со политиката. Тој оцени дека на тој начин ќе имаме и добри добрососедски односи и побрз напредок на државата во полноправно членство во ЕУ.  

- Јас присуствував на вечерната богослужба по повод канонизацијата на Кирил Пејчиновиќ и тоа беше еден исклучително свечен свет настан на којшто присуствуваа голем број на граѓани во Лешочкиот манастир. Таму имаше граѓани од повеќе делови на државата, имаше граѓани од различна политичка провиниенција бидејќи бев и јас, меѓутоа и претставници на политички партии, четири владици... И тоа беше чин со којшто ние го негуваме нашето и духовно и културно наследство македонско. Тоа што некој сака да провоцира тоа е негов проблем. Ние точно знаеме што е нашата историја. Ние точно знаеме што е нашата култура. Ние точно знаеме што е нашиот македонски јазик сега веќе признат во целата Европска Унија. Во тоа наскоро ќе се уверат сите граѓани кога ќе го потпишеме договорот Фронтекс со ЕУ и со македонски идентитет веќе преговараме со ЕУ, нагласи Ковачевски.  

Тој повтори дека комуникацијата помеѓу државите се одвива на официјално ниво помеѓу претставници на институциите, значи луѓе од политиката, меѓутоа, вели, „секогаш постојат и други интереси, други личности кои сакаат да ги нарушат односите помеѓу две држави и обично со свои изјави предизвикуваат негативни чувства, предизвикуваат нешто што вие го нарекувате и јас го нарекувам провокација“. -Треба да бидеме смирени, бидејќи имаме многу јасна преговарачка рамка со ЕУ каде што историските прашања за коишто сега ме прашавте се дел од работата на историската комисија во која што има 14 историчари по седум од двете страни и тие историчари заедно со консензус мора да ги донесат сите решенија. Значи, не може без кој било од тие историчари што се во комисијата да се донесе кое било решение и јас на историчарите им препорачувам тие да се занимаваат со историјата, политичарите ќе се занимаваат со политиката и на тој начин ќе имаме и добри добрососедски односи и побрз напредок на државата во полноправно членство во ЕУ, истакна тој.   Вели дека не може да зборува во името на официјална Софија, туку само во име на официјална Северна Македонија и официјално во име на нашата Влада. -Вие гледате дека ние имаме многу јасен став по однос на сите прашања коишто може да се сметаат за провокација и секогаш и јас и министрите ги повикуваме институциите да работат во рамки на своите надлежности и да ги спроведуваат законите на територијата на државата без разлика на кого се однесуваат тие закони, заклучи Ковачевски. нд/лв/

Остани поврзан