• недела, 24 ноември 2024

Сезонските пожарникари во Грција бараат да бидат вработени (Фото)

Сезонските пожарникари во Грција бараат да бидат вработени (Фото)

Атина, 21 септември 2023 (МИА) – Интервенираат во секаков вид пожари, во спасувачки акции, во поплави и сообраќајни несреќи, заедно со сите постојано вработени пожарникари, но само во периодот на пожари од мај до октомври, а потоа се невработени-сезонските пожарникари во Грција бараат постојани вработувања и за нивните барања денеска одржаа протест, јави дописничката на МИА од Атина.

Со слоганите „Катастрофите не се сезонски“; „Има 3.500 празни места, но на Мицотакис не му е важно“; „Кирјакос Мицотакис, слушни добро, зима, лето има потреба од пожарникари“, сезонските пожарникари маршираа во центарот на Атина, пред Министерството финансии и пред грчкиот Парламент.

Претседателот на Здружението на сезонски пожарникар на Грција Танасис Псаропулос во разговор со дописничката на МИА од Атина ја објаснува нивната ситуација, коментирајќи дека станува збор за „грчки патент“.

-Не знам каков е кај вас во Северна Македонија системот за гаснење на шумски пожари или системот за гаснење на пожари во урбани средини, но кај нас овде од 1 мај до 31 октомври работиме како сезонски пожарникари. Работиме заедно со колегите редовни пожарникари, интервенираме во шуми, во урбани средини, во сообраќајни несреќи, во спасувања, во поплави. Интервенираме заедно со редовните пожарникари, но за жал на 31 октомври не отпуштаат од работа и потоа сме невработени. Ова е грчки патент, рече Псаропулос за МИА.

Сезонските пожарникари најавија дека ќе продолжат со нивната борба да добијат постојани вработувања и да бидат дел од Противпожарната служба, но за жал, како што велат, од Владата немаат јасен одговор.

-Во Противпожарната служба постојат празни места и има потреба од пожарникари, но не нè вработуваат. Ние сме обучени и подготвени пожарникари. Постои закон, но за жал Владата е глува за нас, коментира претседателот на здружението на сезонските пожарникари.

Денешниот протест на сезонските пожарникари се совпадна со оној на синдикатите, но беше одделен и од сосема други причини, но добија масовна поддршка како од синдикалците, така и од граѓаните, но и од партиите што зедоа учество.

Во текот на летото Грција се соочи со низа пожари од кои неколку беа катастрофални, со загинати над 20 лица и огромна изгорена површина, додека пак по пожарите следеа и поплавите во централниот дел од земјата што оставија зад себе 17 жртви и голема катастрофа.

И во пожарите и во поплавите, заедно со припадиците на Противпожарната служба, интервенираа и сезонските пожарникари. ср/сд/

Фото: МИА

Остани поврзан