• петок, 27 декември 2024

Седум земји од ЕУ ја повикаа Венецуела да ги објави изборните записници

Седум земји од ЕУ ја повикаа Венецуела да ги објави изборните записници

Брисел, 4 август 2024 (МИА) – Седум земји од Европската унија, меѓу кои Италија, Франција, Германија и Шпанија, заеднички ги повикаа властите во Венецуела итно да ги објават записниците од избирачките места за да се обезбеди целосна транспарентност за изборите од минатиот викенд, соопштија денеска од канцеларијата на италијанската премиерка.

Изборната комисија на Венецуела го прогласи за победник актуелниот претседател Николас Мадуро, кој е на власт од 2013 година, наведувајќи дека освоил 51 отсто од гласовите, што предизвика обвинувања на опозицијата за измама.

Опозицијата наведува дека според нивните детални податоци опозицискиот кандидат Едмундо Гонзалес најверојатно освоил 67 отсто од гласовите.

Заедничката изјава на седумте земји од ЕУ го зголеми бранот критики од странство за начинот на кој венецуелската влада се справи со изборите.

Некои земји веќе ја признаа победата на Гонзалес, вклучувајќи ги САД и Аргентина.

Шефовите на дипломатиите на Г7 минатата недела изразија солидарност со венецуелскиот народ и загриженост за изборните резултати.

„Ги повикуваме властите во Венецуела веднаш да ги објават сите записници од гласачките места за да се обезбеди целосна транспарентност и интегритет на изборниот процес“, се наведува во соопштението за печатот на седумте земји од ЕУ, вклучувајќи ги Португалија, Холандија и Полска.

„Опозицијата вели дека собрала и објавила повеќе од 80 отсто од записите на секое избирачко место. Оваа проверка е клучна за препознавање на волјата на венецуелскиот народ“.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан