• четврток, 26 декември 2024

Седница на Уставен суд

Седница на Уставен суд

Скопје, 2 мај 2023 (МИА) - Три иницијативи за оценување на уставност и две барања за заштита на слободи и права се на дневен ред на денешната седница на Уставниот суд.

Пред уставните судии ќе се најде иницијативата со која е оспорен член 10 став 12 од Законот за домување, која предвидува лицето чија лиценца е одземена поради неправилности наведени во ставот 7 на овој член не може да добие лиценца согласно со одредбите од овој закон во рок од две години од денот на правосилноста на решението за одземање на лиценцата, а одговорното лице во правното лице не може да основа друго правно лице за вршење на истата дејност која ја вршело правното лице, односно физичкото лице на кое му е одземена лиценцата согласно со овој закон, во рок од две години од денот на правосилноста на решението за одземање на лиценцата. 

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одредба упатува на примена на ставот 7 од членот 10 од Законот за домување која пак нема предмет на уредување кој се однесува на одземање на лиценцата. 

На денешната седница ќе се расправа и по иницијативата поднесена на делот „закони” од член 2 став 1 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија.

Подносителот во иницијативата наведува дека оспорениот дел во рамки на законот не е доволно прецизен и јасен, бидејќи во делот „закони” се подразбираат и сите други закони без оглед на правната материја или областа која ја уредуваат.

Уставните судии ќе расправаат и по иницијативата со која е оспорен член 69 став 4 од Законот за управни спорови. Подносителката на иницијативата наведува дека оспорените одредби го ускратуваат уставно загарантираното право на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Се наведува дека Законот создава правна несигурност и се злоупотребува во пракса затоа што против таквите одлуки кои Управниот суд ги донесува без расправа не е дозволена жалба од страна на граѓаните до Вишиот управен суд. 

На денешната седница ќе биде разгледано и барањето на Дејан Владев преку Гоце Тасков, адвокат од Свети Николе, во врска со пресуда од 16.03.2020 година на Основен суд Свети Николе и пресуда од 25.09.2020 година на Апелационен суд Штип.

Подносителот на барањето за заштита на слободите и правата наведува дека на 02.07.2019 година на прес-конференција во Свети Николе, во својство на претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ, објавил за присуство на случај со вирусот „коксаки“ во детската градинка „Рахилка Гонева“ од Свети Николе и дал изјава во која посочил дека раководството на градинката и градоначалникот на Свети Николе криеле за присуство на вирусот. Бил тужен за клевета и тужителите ги добиле споровите против него. Подносителот на барањето смета дека со наведените пресуди била сторена повреда на правото на слободната мисла и јавно изразување на мислата загарантирано со членот 16 став 1 од Уставот и дека е дискриминиран по основ на припадност на политичка партија. 

На дневен ред е и барањето поднесено од Илир Рушани од село Зајас, Кичево. Според подносителот на барањето на 25 декември 2019 година Собранието на Република Северна Македонија бил избран кандидат кој не ги исполнувал законските услови и условите наведени во огласот и ова тврдење според подносителот го утврдила и Државната комисија за спречување на корупција(Одлука бр.12-88/10). Подносителот во иницијативата наведува дека бил дискриминиран по основ на политичка припадност. дма/са/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан