• среда, 18 декември 2024

Седница на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум во Охрид

Седница на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум во Охрид
Скопје, 20 јули 2022 (МИА) - Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески во својство на копретседавач на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), утре и задутре во Охрид ќе биде домаќин на членовите на Управниот одбор на КИФ, асоцијација на шесте стопански комори од регионот на Западен Балкан. Во рамки на дводневната посета, како што најавуваат од Стопанската комора, Управниот одбор на КИФ покрај своите работни состаноци на кои ќе се дискутира за прогресот во имплементација на активностите насочени кон воспоставувањето на Заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан, ќе реализира и повеќе работни средби. Планирано е одржување на работен состанок со премиерот Димитар Ковачевски и членови на Владата, на кои, како што велат, ќе се дискутира за потенцијалите за унапредување на регионалната соработка во Западен Балкан и обезбедување на регионални одговори за предизвиците со кои се соочуваат македонските компании. Ќе биде одржана и работна средба со градоначалникот на општина Охрид, на која ќе се разговара за можностите за искористување на туристичките потенцијали, како и за зајакнување на регионалната туристичка соработка. Делегацијата на КИФ ќе реализира и посета на „Костал Македонија“, компанија од автомобилската индустрија во македонската економија и една од најголемите странски директни инвестиции во земјата. Како дел од тековните активности, КИФ ја воспостави Платформата Западен Балкан-ЕУ, во која членуваат Бизнис советот на КИФ и Европската комисија, која ја предводи Регионалната програма за развој на добавувачи, во рамките на која беа мапирани повеќе од 2.000 компании од автомобилската, прехранбената и лесната преработувачка индустрија, беа изготвени Market Access и Market Intelligence датабазите и се обезбедува техничка помош за компании за пристап до финансии и за дигитализација. Организираше заедничко саемско претставување за компании од регионот и регионални бизнис настани во Тирана, Мостар, Подгорица и Сараево, тренинзи и инфо-денови за компаниите, и го имплементира Регионалниот фонд за предизвици, преку кој се достапни повеќе од 35 милиони евра грантови за имплементација на модели на дуално образование во Западен Балкан. Коморскиот инвестициски форум, со седиште во Трст е институција основана во 2015 година во рамки на Берлинскиот процес инициран од канцеларката Ангела Меркел, и претставува глас на приватниот сектор од регионот, застапувајќи 350.000 компании од подрачјето на Западен Балкан. КИФ е основан од страна на шесте стопански комори од регионот на Западен Балкан (Стопанската комора на Северна Македонија, Унијата на стопански комори на Албанија, Надворешнотрговската комора на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Косово, Стопанската комора на Црна Гора и Стопанската комора на Србија) со цел да се интензивира соработката помеѓу коморите во насока на спроведување на заеднички активности кои се од интерес за бизнис-заедницата од регионот. вј/бак/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан