• четврток, 26 декември 2024

Седница на Советот на јавни обвинители, Абази го презентираше Годишниот извештај за работата на ОЈО ГОКК Скопје

Седница на Советот на јавни обвинители, Абази го презентираше Годишниот извештај за работата на ОЈО ГОКК Скопје

Скопје, 27 октомври 2023 (МИА) - Советот на јавни обвинители ја одржа 87-та седница каде донесе одлука за избор на јавни обвинители во Скопје, Гостивар и Струга. На дневниот ред беше разгледување и оценување на Годишниот извештај за работата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, каде основниот јавен обвинител на ОЈО ГОКК Скопје, Ислам Абази, презентирајќи го годишниот извештај за 2022 пред Советот, посочи дека сумирано јавните обвинители преземале дејствија против 1.628 лица.

Според извештајот на ГОКК, во текот на 2022 година има 461 пријава, а поднесени се 183 кривични пријави, што значи зголемување на бројот на сторители, како и на бројот на кривични дела за 7,96 отсто споредбено со претходната година. Со дејствија преземени од сторителите, Абази рече, била прибавена значителна имотна корист во вкупен износ од 586.405.488 денари за правни лица, а за 115.829.852 денари бил оштетен буџетот на РСМ. Конкретно во предметот „Империја“, Абази посочи дека конфискуван е имот во вредност од 10.676.653 евра, додека со обвинителен акт доставен е предлог во корист на државата да се конфискува предлог од пет обвинети во вредност од 292.333 денари.

Со издадена судска наредба биле издадени 19 мерки за следење на комуникациите за вкупно 147 лица со утврден идентитет и за две лица, врз основа на телефонска линија што ја користеле. Во 2022 година за 246 лица биле донесени решенија за отфрлање на кривична пријава, како и 17 наредби за запирање на истражна постапка за 17 лица. Против 75 лица биле поднесени обвинителни предлози, а по спроведена истражна постапка јавните обвинители поднеле против 137 лица обвинутелни акти пред Кривичниот суд. Предлог спогодба по скратена постапка е склучена за едно дело, додека во текот на истражна постапка јавните обвинители склучиле спогодба со 24 лица.

Абази рече согласно евиденцијата до крајот на претходната година Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција има нерешени 124 кривични предмети. Според структурата на кривичните дела, за оваа година Абази вели, нема отстапување во видот на кривичните дела во однос на претходните години.

Обвинителството се соочува со недостиг на јавно-обвинителската служба, посочи Абази, и како што рече, постои тренд на напуштање од работниот однос поради ниските плати. Абази очекува дека за две недели ќе се преселат во новиот обвинителски објект, каде ќе имаат подобри услови за работа. Се очекува донација за новата форензичка лабораторија за вештачење на телефонски уреди, лаптопи и апарати, бидејќи како што рече Абази, Обвинителството се соочува со проблем на вештачењето на ваквите уреди, поради доцнењето од МВР. Абази додаде дека двајца нови обучени информатичари ќе работат во новата форензичка лабораторија.

На денешната седница Советот донесе одлука за избор на јавни обвинители во Скопје, Гостивар и Струга. Со по девет гласа „за“ за јавни обвинители во основните јавни обвинителства ги избра Зура Селими, Александра Дамјановска - Николоска, Игор Димитровски и Валнеса Бизаки-Дилали.

На седницата беше констатирано дека сите кандидати ја имаат успешно завршено обуката на Академијата за судии и јавни обвинители и со работа почнуваат од 1 ноември годинава. ра/нд/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан