• среда, 18 декември 2024

Седница на Општина Карпош

Седница на Општина Карпош

Скопје, 14 ноември 2024

Во рамки на 56-тата седница која се одржа во амфитеатарот на Универзитетот Скопје, советниците од Општина Карпош расправаа и полноправно одлучуваа по 19 точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. По опширната презентација која стручно ја образложи претставникот од Секторот за екологија и енергетска ефикасност, потребното мнозинство советници дадоа согласност за изработка на Физибилити студија, со можност за воспоставување на јавно – приватно партнерство, за поефикасно одржување на јавното осветлување во Карпош. Во овој случај, локалната самоуправа има обезбедено околу 300.000 денари за оваа намена, преку Програмата на Секторот за екологија и енергетска ефикасност при Општина Карпош.

Имено, Општината во својата развојна Програма за 2023 – 2025 година презеде стратешки чекор со кој, во најголем дел ги отстрани старите улични светилки и истите ги замени со штедливо лед - осветлување од 35 и 75 вати. Со истекот на оваа развојна Програма, Општина Карпош ќе ја преземе надлежноста над системот за управување со јавното осветлување, кој сѐ уште е во рамки на гарантниот рок на изведувачот. Оттаму, Општината ќе се соочи со престанок на гаранцијата на целиот систем којшто е инсталиран, при што, самото јавно осветлување,  логично ќе премине во нејзино владение.

Емпирискиот пристап на Физибилити студијата ќе покаже колку би било ефикасно формирањето на едно јавно – приватно партнерство со Општината, во насока на одржување на уличното осветлување во Карпош. Воедно, овој стручен труд ќе помогне да се решат неколку различни побарувања и активности кои локалната самоуправа ги спроведува во својата Програма, а исто така значајно ќе придонесе за намалување на трошоците за нивна реализација.

На самата седница, во конструктивна атмосфера беше поддржана и Предлог – Одлуката со која, локалната самоуправа ќе го отстапи објектот кој е во нејзина сопственост, на Црвениот Крст на РСМ – Карпош, кој во наредниот период ќе ги користи просториите за свои потреби. Станува збор за објект кој се наоѓа во дворот на ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“ кој се отстапува на користење за временски период од 10 години, за што корисникот се ослободува од плаќање на  надоместок.

Советот ја поддржа Предлог - Одлуката со која Општина Карпош ќе му додели финансиски средства во висина од 100.000 денари на дипломираниот инженер архитект, Петар Николовски, за печатење на книгата „Хронологија на развојот на стандардизацијата, на регулативата за енергетска ефикасност, на едукацијата и на медиумската популаризација“. Во книгата се содржани 10 глави на 450 страници, од кои осмата глава е посветена на Општина Карпош. Во неа авторот истакнува дека една од поважните критериуми за почетокот за отворање на пристапните преговори на Македонија со ЕУ е енергетската ефикасност, а оттаму и исполнување на европските Директиви преку ЕУ кластерите за заштеда на енергија и заштита на животната средина преку користење на обновливи извори на енергија.

Со мнозинство гласови од советниците беше изгласана Предлог – Одлуката за измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Карпош за 2024 година, каде ќе се извршат измени во расходниот дел на Буџетот. Имено,  во програмата ЕОО - Општинска администрација ќе биде извршено намалување на контото Расходи за репрезентација во износ од 1.000.000 денари, бидејќи не се потрошени сите предвидени средства по повод одбележување на Денот на Општината. Во програмата Капитални трошоци на Општината се намалува контото за купување на информатичка опрема во износ од 600.000 денари, бидејки овие планирани средства нема да се потрошат за купување на информатичка опрема за училиштата.

Исто така на контото за Набавка или нова изградба на деловен простор се намалува износот во висина од 10.000.000 денари, бидејќи овие средства кои беа предвидени со ребалансот на општинскиот Буџет за изградба на новата административна зграда, нема да бидат потрошени. Во програмата Н1 - Основно образование се намалува контото за одржување на згради во износ од 4.400.000 денари, бидејќи нема да се реализираат средствата предвидени за одржување на основните училишта (за варосување), додека пак во програмата за Уредување на градежно земјиште (капитални трошоци), ќе се изврши зголемување на контото Надомест за одземен имотот во износ од 16.000.000 денари.

Со истата динамика беше поддржана Одлуката за проширување на средствата на Општинскиот Буџет, каде се зголемува износот во висина од 3.447.000 денари во колоната на Блок дотации во програмата Н1О – Основно образование, поради тоа што се обезбедени средства на ова приходно конто. Средствата ќе бидат наменети за покривање на трошоците за централно греење во образовните институции, како и за исплата на плата и надоместоци од плата, бидејќи личните примања на вработените во основните училишта е зголемена за 5% за месеците октомври и ноември 2024 година, согласно потпишаната спогодба меѓу СОНК и МОН.

Советниците дадоа „зелено светло“ и за Предлог – Планот на Програми за развој на Општината за 2025 година, поточно за развојната програма за поставување на лед – светилки на целата територија на локалната самоуправа. Со реализацијата на оваа активност се предвидува да се заменат 100% од вкупниот број на натриумови светилки со нови лед - светилки од 35W. Исто така ќе бидат заменети натриумовите светилки во дворните места на училиштата, додека пак рефлекторите од 400W кои беа инсталирани на спортските и детските игралишта се веќе комплетно заменети со 144 нови лед - светилки од 150W. Притоа, очекуваните заштеди на годишно ниво се 60-90% од сегашната инсталирана снага на заменетите светилки, или поконкретно заштеда од 23.120.176 до 34.876.199 денари. Овој проект започна кон крајот на декември 2023 – та, а се предвидува да биде целосно имплементиран до средината на месец мај 2025 година. Вкупната вредност на овој проект се планира да изнесува 100.000.000 денари, а поради големиот обем  и висината на потребните финансиски средствата, реконструкцијата на јавното осветлување се реализираше во фази. Оттука, реализирани се двете поединечни фази во вкупен износ од 63.000.000 денари, со што останува финализирање на третата фаза во 2025 година, каде се планира промена на светилки во износ од 37.000.000 денари.

Со одлука на Советот беше поддржана и Предлог – Одлуката за давање под закуп на рекламен простор на надземниот премин „Влајко“. Рекламниот простор од предметната недвижност се простира долж надвозникот, со две поставени паноа со димензии од 8x3 метри, кои се изложени од западната и источната страна на надвозникот. Минималниот износ за закуп на рекламниот простор кој не може да изнесува помалку од 120.000 денари, е дефиниран во времетраење од 1 (една) година. За најповолен понудувач ќе биде избран понудувачот кој покрај предвидените услови во огласот, понудил и највисока цена за закуп на рекламниот простор.

Потребното мнозинство на гласови го добија и Предлог – Решенијата за изменување и дополнување на Решенијата за именување на претседател и членови на Комисијата за прашања на верификација, мандатни прашања, избори и именувања и на Комисијата за заштита на животната средина и природата (екологија и енергетска ефикасност). Исто така, беа изгласани и Решенијата за именување на претседател и членови на Комисијата за комунални работи и сообраќај, Комисијата за јавни дејности (образование, социјална и детска заштита), и Комисиите за култура и спорт.

Советниците од Карпош дадоа поддршка и за Предлог – Програмата за екскурзии, излети и други вонучилишни активности од ООУ „Аврам Писевски“ за 2024/2025 година.

Во рамки на денешната седница, членовите на Советот постигнаа консензус и околу Предлог – Одлуката со која Општина Карпош ќе одобри финансиски средства во висина од 250.000 денари, за одржување на концерт по повод 40 – годишнината од постоење на музичката група „Меморија“.

ОПШТИНА КАРПОШ 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото Општина Карпош

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан