Седницата на собраниската Комисија за социјална политика повторно прекината
- Собраниската комисија за социјална политика, демографија и млади и понатаму останува заглавена. Денешната седница повторно е прекината откако пратениците од СДСМ побараа дневниот ред да се дополни со Предлог-законот за бранители, а претседавачот на Комисијата Имрлије Салиу Фетаи не се согласи со тоа укажувајќи дека е назначена од претседателот на Собранието да ја води седницата само за Предлог-законот за заштита на децата.

Скопје, 1 април 2025 (МИА) - Собраниската комисија за социјална политика, демографија и млади и понатаму останува заглавена. Денешната седница повторно е прекината откако пратениците од СДСМ побараа дневниот ред да се дополни со Предлог-законот за бранители, а претседавачот на Комисијата Имрлије Салиу Фетаи не се согласи со тоа укажувајќи дека е назначена од претседателот на Собранието да ја води седницата само за Предлог-законот за заштита на децата.
Седницата беше прекината по барање на пратениците од коалицијата „Влен“, а како што посочи Салиу-Фетаи, се прекинува на неопределено време. Според Салиу-Фетаи, за Предлог-законот за бранители поминати се сите рокови.
Пратеничката од СДСМ Јованка Тренчевска рече дека има деловничко право да предложи дополнување на дневниот ред и дека претседавачот на Комисијата мора да го стави ваквиот предлог на гласање бидејќи Предлог-законот за бранители се уште го има во системот.
- Без разлика дали законот ви се допаѓа или не, немате право да го ускратите моето деловничко право да предложам дополнување на дневниот ред, рече Тренчевска.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ реагираа со забелешка дека ваквиот потег на опозицијата е лицемерен бидејќи пратениците од СДСМ не биле присутни на сендицата на 12 септември минатата година кога оваа точка била на дневен ред. бак/нд/
Фото: Принтскрин