• недела, 24 ноември 2024

Седницата за „Титаник 2“ во Апелација одложена за 13 април

Седницата за „Титаник 2“ во Апелација одложена за 13 април
Скопје, 30 март 2023 (МИА) - Апелационен суд Скопје ја одложи седницата за „Титаник 2“ за 13 април поради отсуство на дел од обвинетите, кои биле неуредно поканети.
 
На денешната седница во Апелација за жалбите по првостепената пресуда за повторената постапка за случајот „Титаник 2“, присутни беа само Сашо Мијалков и Бедредин Ибраими, кој рече дека не добил покана, но дознал по допрен глас и дошол на седницата.
 
Не беа присутни лидерот на ДПА Мендух Тачи и членовите на ДИК Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, кои судот констатир дека биле неуредно поканети.
 
На 23 јануари годинава, Основниот кривичен суд ги прогласи за виновни и им изрече вкупна казна од 12 години затвор на обвинетите во повторената постапка за случајот „Титаник 2“, кој се однесува за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година во Општина Струмица.

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, за стореното кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“ судот го осуди на казна затвор во траење од две години, во која се пресметува и времето поминато во притвор. Кривичното дело на Мијалков за „примање награда за противзаконито влијание” застарува на почетокот на април.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, за сторено кривично дело „повреда на избирачко право“ судот го осуди на казна затвор од две години.

На поранешните членови на Државната изборна комисија Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, судот за сторено кривично дело „повреда на избирачко право“, им изрече казна затвор од по две години.

Основниот кривичен суд во Скопје на 8 март 2019 година на обвинетите во случајот „Титаник 2“ им изрече вкупно 19 години и осум месеци казна затвор, но Апелациониот суд Скопје во ноември 2019 година, поради суштествени повреди на постапката, ја укина првостепената пресуда и случајот го врати на повторно одлучување. аа/бак/

Остани поврзан