• среда, 13 ноември 2024

Северна Македонија и Србија потпишаа Меморандум за соработка за брза пруга од Ниш до Скопје

Северна Македонија и Србија потпишаа Меморандум за соработка за брза пруга од Ниш до Скопје

Белград, 17 ноември 2023 (МИА) - Северна Македонија и Србија денеска потпишаа Меморандум за соработка за воспоставување на железничка мрежа со високи перформанси како дел од железничкиот Коридор 10. 

Меморандумот беше потпишан во Владата на Република Србија од страна на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура Горан Весиќ, во присуство на премиерите Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ, јави известувачот на МИА од Белград.

Во следниот период, односно според најавите во следните две недели, треба да се формира работна група која ќе треба да го дефинира акциониот план со активности и динамика на реализација на овој проект.

На македонска територија во првата фаза треба да бидат изградени 50 километри, а интенцијата е Коридорот 10 да биде целосно изграден до Солун и Атина. Комерцијалната брзина на пругата ќе биде најмалку 160 километри на час, но се разговара за зголемување на оваа брзина. 

Премиерот Ковачевски на прес-конференцијата по потпишувањето на Меморандумот рече дека Коридорот 10 за нас е важен европски коридор и неговата реконструкција е повеќе од неопходна за да ја одржиме конкурентската позиција во регионот, а преку брзата пруга да го развиваме целиот регион.

- Ова е уште една можност во рамки на регионалната иницијатива да овозможиме брз транспорт на стока и услуги не само низ земјите во Западен Балкан, туку и кон земјите членки во ЕУ. Нашата посветеност на унапредување на соработката со сите земји во регионот, даваат бенефит за нашите граѓани, ние сме држава како и сите други држави од регионот со не толку силни економии како на земјите членки во ЕУ и затоа од голема важност е меѓусебно да соработуваме бидејќи во заедништвото е секогаш силата. Кога зборуваме за соработката, потврдуваме дека нашиот фокус мора да остане Европската Унија, бидејќи земјите од Западен Балкан таму припаѓаат. Ние имаме нагласена европска ориентација, реформски сме ориентирани и подготвени да даваме придонес во меѓународната соработка во сите области, рече Ковачевски. 

Според српската премиерка Брнабиќ, со денешното потпишување на Меморандумот се трасира патот за идниот развој на односите меѓу двете држави. Железничката инфраструктура, како што посочи, е приоритетна и по транспортната Стратегија на Европската унија.

- Железничкиот сообраќај во овој момент и за Европа и за целиот свет е најважен сообраќај затоа што е еколошки најприфатлив вид сообраќај. Србија вложува огромни финансиски средства во овој дел, рече Брнабиќ.

Од српска страна завршена е брзата пруга од Белград до Нови Сад, а до крајот на 2024 година планирано е да се заврши и делот до Суботица така што ќе го имаат завршено целиот дел до Унгарија. 

- Очекуваме до крајот на 2025 година и Унгарија да ја заврши делницата од Будимпешта до Суботица. Продолжуваме да вложуваме во железничкиот Коридор 10 со модернизација на пругата од Белград до Ниш. Нашиот план беше и од Ниш до Прешево, но веќе во последните неколку месеци почнавме да разговараме и оваа делница до Скопје и денес веќе го потпишуваме Меморандумот, рече Брнабиќ.

Брнабиќ повика побрзо да се формира и работната група за економска соработка меѓу двете држави затоа што, како што посочи, на овој план се бележат позитивни резултати. Минатата година е забележана рекордна трговска размена од една милијарда 470 милиони евра односно 28 проценти повеќе во однос на 2021 година.

Ја повика Владата на Северна Македонија да почнат да работат на промоцијата на Северна Македонија во рамки на Специјализираната светска изложба ЕКСПО што ќе се одржи во Белград во 2027 година. вј/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан